Zylfije Adem Jakupi
06 Јуни 2023•Ажурирано: 07 Јуни 2023
ПРИШТИНА (АА) – Претседателката на Косово, Вјоса Османи, се сретна со специјалниот претставник на Соединетите Американски Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, и специјалниот претставник на Европската Унија за дијалогот меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак, пренесува Анадолу.
Ескобар и Лајчак синоќа пристигнаа во посета на Косово со цел да изнајдат решение за кризата на северот на Косово, откако минатата недела во општините во кои живее мнозинско српско население дојде до немири поради влегувањето на новоизбраните градоначалници во општинските згради со асистенција на специјалните сили на Косовската полиција.
Османи ја изрази својата целосна посветеност да работи заедно со меѓународните партнери за на северот на Косово да владее редот и законот и да се зачува суверенитетот на Република Косово, соопштено е од Претседателството на Косово.
Претседателката истакна дека казнувањето на криминалните групи и поединци кои применија насилство врз полицијата, новинарите, припадниците на КФОР, ЕУЛЕКС и граѓаните, е единствениот начин за одржлива и долгорочна стабилност.
Затоа, како што нагласи, очекува институциите за спроведување на законот да си ја завршат работата, согласно со законот, за криминалните групи одговорни за насилството да излезат пред лицето на правдата.
Османи истакна дека може да се организираат нови избори во општините на северот на Косово согласно со сегашната уставна и законска рамка, и во тој контекст додаде дека треба да се обезбеди демократско учество на граѓаните кои живеат во овие четири северни општини.
Во текот на средбата со Ескобар и Лајчак, Османи го нагласи значењето од зајакнување на сојузот со САД и ЕУ, во исполнувањето на заедничките цели на евроатлантскиот пат и зајакнувањето на меѓународниот субјективитет на Косово.
Претставниците на САД и ЕУ синоќа се состанаа и со премиерот на Косово, Албин Курти, кому му предложија три елементи за излез од кризата, деескалација на ситуацијата на терен, брзо организирање нови избори на северот и враќање на дијалогот и процесот на нормализација на односите меѓу Косово и Србија.
Американскиот пратеник Ескобар во обраќањето пред медиумите рече дека меѓу меѓународните партнери постои единство во барањата што во последниве денови се упатени до косовската страна.
Лајчак и Ескобар денеска во Приштина ќе разговараат и со претставници на косовската опозиција, Српската листа и граѓанскиот сектор, а потоа ќе отпатуваат за Белград.