Dzihat Aliju
28 Јули 2026•Ажурирано: 28 Јули 2026
Првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, рече дека Турција беше и останува сигурен партнер на европскиот пат на Северна Македонија, јавува Анадолу.
Сали се обрати на отворањето на Програмата за обука за управување со проектен циклус во рамките на иницијативата IPABRIDGE, која се одржува во Скопје од 28 до 31 јули 2026 година.
Во своето обраќање вицепремиерот изрази особена благодарност до Владата на Турција, Директоратот за прашања на Европската Унија (ЕУ) и турските партнери за континуираната поддршка, искрената соработка и подготвеноста да споделат експертиза и практично искуство.
„Турција беше и останува сигурен партнер на нашиот европски пат. Нејзината поддршка во јакнењето на административните и институционалните капацитети е од особено значење за подготовката на нашата земја за обврските што произлегуваат од идното членство во ЕУ“, истакна Сали.
Програмата за обука опфаќа значајни теми, како управувањето со проектен циклус, финансиската рамка ИПА III, анализата на засегнатите страни, логичката рамка, буџетирањето, мониторингот и известувањето. Цел е да се зајакнат знаењата и практичните вештини на администрацијата за поквалитетна подготовка и спроведување на проекти финансирани од ЕУ.
Сали нагласи дека соработката со Турција ќе продолжи и во иднина и дополнително ќе се проширува преку заеднички активности, размена на експертиза и иницијативи за јакнење на институционалните капацитети.
„Очекуваме ова партнерство и понатаму да се развива и да носи конкретни резултати за нашите институции и за граѓаните“, заклучи Сали.