İlayda Çakırtekin
29 Септември 2026•Ажурирано: 29 Септември 2026
Шест земји членки на Европската Унија (ЕУ) побараа следниот седумгодишен буџет на ЕУ да биде намален за неколку стотици милијарди евра, објави денес холандскиот радиодифузер НОС, повикувајќи се на писмо до кое имал увид, јавува Анадолу.
Лидерите на Холандија, Германија, Шведска, Данска, Австрија и Финска се спротивставија на предлогот на Европската комисија, за кој велат дека би довел до зголемување на буџетот на Унијата за 60 отсто.
Наводно тие го оцениле предлогот како „нереален“, од политички и од економски аспект, наведувајќи дека зголемувањето не е во согласност со мерките за штедење потребни во неколку земји членки.
Поради тоа, тие побараа буџетот да биде намален за „неколку стотици милијарди евра“.
Лидерите, исто така, повикаа на темелна реформа на трошењето на средствата на ЕУ, наведувајќи дека инвестициите треба да бидат насочени кон безбедноста, одбраната, економската конкурентност, иновациите и борбата против илегалната миграција во рамките на силна и независна Европа.
Во писмото упатено до актуелното ирско претседателство со ЕУ, лидерите нагласија дека новиот предлог-буџет треба да предвидува износ што реално може да се финансира без дополнително задолжување.