Necva Taştan Sevinç
28 Август 2026•Ажурирано: 28 Август 2026
Двајца осомничени украле дијамантски ѓердан поврзан со поранешното кралско семејство на Египет од Музејот на применета уметност во Виена вчера, објавија денес австриските медиуми, пренесува Анадолу.
Осомничените влегле во музејот како обични посетители околу 14 часот по локално време, а потоа ја скршиле стаклената витрина и го зеле ѓерданот, објави јавниот сервис ОРФ, повикувајќи се на полицијата.
Според наводите на медиумите, неколку сведоци биле присутни за време на кражбата.
Властите сметаат дека осомничените знаеле кој предмет имале намера да го украдат.
Платинскиот ѓердан е украсен со 673 дијаманти со вкупна тежина од повеќе од 200 карати, според информациите објавени од музејот.
Накитот бил изработен по нарачка за египетското кралско семејство, а го носела кралицата Назли во 1939 година на свадбата на нејзината ќерка, принцезата Фавзија, со тогашниот ирански престолонаследник Мухамед Реза Пахлави, кој подоцна стана шах (крал).
Ѓерданот беше продаден за речиси 4,3 милиони долари на аукција во Њујорк во 2015 година, според аукциската куќа „Сотби“.
Виенската полиција објави фотографии и описи на осомничените во рамките на потрагата што е во тек.
Двајцата мажи биле високи меѓу 170 и 175 сантиметри, слаби, темна коса и темна брада.
Наводно биле облечени во црна горна облека и темни патики со бели ѓонови.
По грабежот, осомничените побегнале во непознат правец.
Бројни припадници на итните служби беа распоредени низ центарот на Виена, додека во истрагата се вклучи и Одделот за истраги за културно наследство при Федералната криминалистичка полиција.
Во инцидентот никој не е повреден, соопшти Музејот.
Музејот ќе остане отворен, иако изложбата „Гланцштике“ (Ремек-дела), од која беше украден ѓерданот, е привремено затворена.
Изложбата содржи околу 500 предмети, вклучително и повеќе од 300 парчиња од француската луксузна куќа за накит „Ван Клиф и Арпелс“ и повеќе од 200 предмети од колекцијата на Музејот.