Уметноста и спортот ги бришат трагите од војната во сириски Алепо
- „За нашите семејства приоритет не беа нашите соништа, туку нашата безбедност. Затоа во минатото не можевме да си замислиме јасна иднина...“
Ahmet Karaahmet
19 Август 2026•Ажурирано: 19 Август 2026
photo: Bakr Al Kasem / AA
АЛЕПО
Сара Наум, која живее во сирискиот град Алепо, преку „Степ ап академи“, основана за да го следи нејзиниот детски сон, ги поврзува децата кои растат во сенката на војната со уметноста и спортот, пишува Анадолу.
Поради долгогодишниот конфликт и тешкотии, Наум била принудена да ги одложи своите соништа. Со отворањето на академијата, во време кога градот повторно се обидува да застане на нозе, таа им носи надеж на најмладите.
Во академијата се одржуваат часови по балет и пилатес, на кои учествуваат деца од различни средини. Преку уметноста и спортот, на децата погодени од војната и тешкотиите во секојдневниот живот им се помага полесно да се приспособат и да се вклучат во општествениот живот.
Фотографија : Bakr Al Kasem/AA
Дваесет и тригодишната инструкторка по балет и пилатес Сара Наум за АА изјави дека уште од детството сонувала да ја пренесува културата на балетот и театарот на луѓето околу себе.
Таа вели дека поради воените услови и бомбардирањата во минатото не можеле да си замислат јасна иднина.
„За нашите семејства приоритет не беа нашите соништа, туку нашата безбедност. Затоа во минатото не можевме да си замислиме јасна иднина. Сега, пак, во ова студио им помагаме на децата правилно да ја насочат својата енергија и да стекнат дисциплина.“
Наум истакна дека балетот и танцот не се само едноставни трендови што се гледаат на социјалните мрежи.
„Ова е уметност и културна вредност што се пренесува со труд, дисциплина и професионалност. Овде го поттикнуваме секое девојче да има почит кон себе, своето семејство и својот талент. Со секое дете што се качува на сцената расте и неговата самодоверба“, вели Наум.