Ivana Ramadanova
20 Мај 2016•Ажурирано: 21 Мај 2016
СКОПЈЕ (АА) - На плоштадот „Македонија“ денеска по 10 ти пат се одржа „Матурска парада“ на која традиционално учениците кои го завршуваат средното образование танцуваат квадрил, јавува Anadolu Agency (AA).
Според организаторите оваа година се вклучија околу 1.200 матуранти од 20 средни училишта од Скопје, како и 1.300 нивни врсници од 12 средни училишта во Струга, Охрид, Струмица, Валандово, Гевгелија и Неготино.
Пред почетокот на матурската парада матурантите дадоа изјава за ненасилство со што оваа манифестација придонесува за зајакнување на толеранцијата меѓу младите и повисоки цивилизациски вредности, а свое обраќање имаше и Градоначалникот на град Скопје, Коце Трајановски.
„Драги матуранти, после завршувањето на средното образование, пред вас доаѓаат голем број на предизвици со кои верувам дека ќе успеете да се соочите и изборите, а тоа ќе успеете да го направите со вашата младост, убавина и храброст", рече Трајановски.
Точно по што ќе следуваше директно вклучување на Радио Словенија од каде беше преземена музиката од Штраусовата опера „Лилјакот“ на која матурантите од сите градови учесници на манифестацијата го танцуваа квадрилот.
Заедно со матурантите од Скопје и од другите градови од земјава, во исто време квадрил заиграа и матурантите од 15 европски држави и 120 градови.
„Матурска парада“ почна да се организира во 2001 година во Љубљана, а во Македонија првпат се одржа во 2007 година во Скопје и во Охрид во организација на Дирекцијата за култура и уметност на Скопје и Танцовиот спортски клуб „Ритам плус“ од Скопје.
Во изминатите девет години на парадата во Скопје учествувале вкупно 6.552 матуранти и 8.146 во другите градови во Македонија. „Матурска парада 2016“ се организира во соработка со Градот Скопје, Делегацијата на Европската унија и Дирекцијата за култура и уметност.