Nazmi Abduramani
17 Мај 2017•Ажурирано: 18 Мај 2017
СКОПЈЕ (АА) - Денес во Скопје се одржа конференција за одржливо управување со отпадот на регионално ниво, јавува Anadolu Agency (AA).
Целта на оваа конференција е да се подигне свеста за важноста на интегрираните системи за управување со отпад и промоција на политиките на Европската Унија (ЕУ) и проектите за отпад на Министерството за животна средина и просторно планирање.
Министерот за животна средина и просторно планирање, Башким Амети, рече дека здравата животна средина е одговорност за сите, и поради оваа причина соработуваат со сите носители на одлуки.
„Одржувањето чиста и здрава животна средина е одговорност на сите. Од таа причина, и јас како прв човек на Министерството за животна средина и просторно планирање, соработувам со сите вклучени носители на одлуки, како министерствата, општините, со бизнис заедницата, а сѐ со цел успешна имплементација на политикте за управување со отпадот во Република Македонија", рече Амети.
Како што беше истакнато, основното јадро на активностите за спроведување на политиките ќе придонесе кон подобрување на стандардите за управување со отпадот во Македонија; првенствено решавање на проблемите со еколошки несоодветното одлагање на отпадот на општинските и останатите “диви” депонии, кои треба итно да се затворат или технички да се надградат до стандардите утврдени со закон.
Конференцијата е дел од проектот финансиран од ЕУ: „Подготовка на потребните документи за воспоставување интегриран и финансиски самоодржлив систем за управување со отпад во Пелагонискиот, Југозападниот, Вардарскиот и Скопскиот регион“.