Dzihat Aliju
13 Јуни 2017•Ажурирано: 14 Јуни 2017
СКОПЈЕ (АА) - Турската црвена полумесечина даде донации за месецот на постот, Рамазан, за жителите на Скопје кои во септември минатата година беа погодени од поплавитe во кои загинаа 22 лица, јавува Anadolu Agency (AA).
Доделувањето на пакетите со прехранбени производи, организирано во заедничка соработка на Сојузот на турските општини (ТББ) и Здружението „Мерхамет“ од Македонија, започна од скопската населба Хасанбег, населба којашто беше најмногу погодена од поплавите.
Потпретседателот на Турската црвена полумесечина, Исмаил Хакки Турунч, во изјава за медиумите потсети дека по поплавите што се случија минатата година, дошле во поплавената зона и направиле мошне сериозни акции во регионот.
Турунч истакна дека планираат да доделат околу 3.000 пакети со прехранбени производи во 250 села, во 15 различни региони во Македонија, особено во Скопје и околината. „Ние како Управен одбор на Турската црвена полумесечина, утринава дојдовме тука. Со нашите овластени пријатели ќе доделиме дел од пакетите со прехранбени производи. Исто така, се доделуваат пакети со прехранбени производи во другите региони во Македонија што претходно ги споменавме“, изјави Турунч.
„Да знаат дека ако се во тешкотија, Република Турција ќе биде секогаш со нив, Турската црвена полумесечина ќе биде секогаш со нив“, нагласи Турунч, истакнувајќи дека посакува никогаш повеќе да не доживеат поплава, ниту некоја друга катастрофа.
Од друга страна, претседателот на здружението „Мерхамет“, Ридван Џафери, упати благодарност до Турција и до Турската Црвена полумесечина за овие донации.
Џафери истакна дека донациите не се наменети само за припадници на една националност во Македонија, и истакна дека ова е показател за блискоста на Турција со различните етникуми во земјата.
Фадил Рушити, жител на населбата кому му беше дадена донација, изрази благодарност до Турската црвена полумесечина за нивната посета и за донациите.
Од Турската црвена полумесечина соопштија дека имаат за цел да доделат пакети со прехранбени прозводи за околу 15.000 лица во земјата.