Admir Fazlagic
06 Април 2018•Ажурирано: 07 Април 2018
СКОПЈЕ (АА) – По повод 98. годишнината од основањето на Турската државна новинска агенција Anadolu Agency (AA), претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, упати честитка во која ја истакна важноста на постоењето на агенцијата.
„Имам големо задоволство да Ви ја честитам 98-годишнината од основањето на Турската државна новинска агенција Anadolu. Со нејзиното основање на 6 април 1920 година, неколку денови пред свикувањето на Големото Национално Собрание на Република Турција, новинската агенција Anadolu сведочи за основањето и развојот на модерната турска држава. Со широката мрежа на дописништва, Anadolu се вбројува меѓу водечките светски новински агенции”, вели претседателот Иванов.
Во честитката претседателот Иванов истакнува дека за Република Македонија е од особено значење фактот што македонскиот јазик е еден од јазиците на кои турската државна новинска агенција Anadolu емитува вести.
„Отворањето на регионалното претставништво во Скопје во 2015 година даде придонес во збогатувањето на македонскиот медиумски простор и е потврда за искреното пријателство меѓу Република Македонија и Република Турција. Уверен сум дека успешната соработка ќе продолжи и во иднина”, наведува Иванов.
На крајот од честитката, претседателот на Република Македонија, Иванов, посакувајќи успех во понатамошната работа на АА, истакна:
„Честитајќи ви ја годишнината од вашето основање, ви посакувам понатамошен успех во вашата работа и да продолжите да бидете пример со вашата професионалност."
Anadolu Agency (AA) е основана на 6 април 1920 година, 17 дена пред формирањето на Големото национално собрание на Република Турција (TBMM).