Besar Ademi
19 Февруари 2016•Ажурирано: 20 Февруари 2016
СКОПЈЕ (АА) - Република Македонија и Република Косово во Скопје потпишаа меморандум за соработка за реализација на програмата за прекугранична соработка меѓу двете земји, што ќе биде со важност до 2020 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Со потпишувањето на Меморандумот се создаваат формални услови за почеток на имплементација на "Програмата ИПА" за прекугранична соработка меѓу Македонија и Косово, како дел од оваа програма Европската унија финансира голем број на нови проекти во прекуграничниот регион на двете земји, во износ од 8,4 милиони евра.
Министерот за локална самоуправа на Македонија, Лирим Шабани најави дека средствата ќе бидат на располагање на општините, невладините организации, бизнис асоцијации и други непрофитни субјекти на прекуграничните региони на двете земји.
"Ова е можност за општините, граѓаните и другите лица, голем број од нивните приоритети да се реализираат преку програмата за прекугранична соработка. Можност за одговорните институции да ги надградат капацитетите и да обезбедиме финансирање на објекти на квалитетните проекти преку фер и транспарентен начин на распределба на средства", рече Шабани.
Од друга страна, амбасадорот на Косово во Македонија, Илбер Хиса, истакнувајќи дека Косово има најмногу билатерални договори со Македонија, оцени дека со овој договор ќе добијат граѓаните од двете страни на границата.
"На овој начин, со оглед на потпишувањето на двата договора кои прават границата да се помине со лични карти и отворањето на граничниот премин, уште еднаш можеме да заклучиме дека Косово има најмногу билатерални договори со Македонија. Во тој поглед, ова е одраз на соработка, која продолжува и понатаму", рече Хиса.