Agim Sulaj
17 Јуни 2026•Ажурирано: 17 Јуни 2026
Словенија во моментов нема планови да го намали бројот на своите војници во рамките на Мисијата на НАТО во Косово – КФОР, соопшти Министерството за одбрана на Словенија, пренесува Анадолу.
Словенечкото Министерство за одбрана соопшти дека одлуките поврзани со ова прашање ќе ги донесе по сеопфатна процена.
„Секоја одлука поврзана со можните приспособувања на идниот ангажман на словенечките вооружени сили во КФОР ќе биде донесена по сеопфатна процена, земајќи ги предвид потребите на мисијата и нашите капацитети“, се наведува во соопштението на Министерството, цитирано од словенечката новинска агенција СТА.
Според Министерството за одбрана, во моментов 106 припадници на словенечките вооружени сили се ангажирани во мисијата на КФОР во Косово.
Оваа недела беше најавено дека Соединетите Американски Држави (САД) се очекува да направат измени во својот придонес во КФОР, во рамките на поширок процес на преиспитување на военото присуство на Алијансата во земјата.
Претставник на Европската команда на Соединетите Американски Држави (ЕУКОМ) изјави дека одлуката се темели врз годишниот преглед извршен од Врховната команда на сојузничките сили во Европа, која препорачала приспособување на силите на терен.
Минатата недела НАТО соопшти дека постепено ќе го намалува своето присуство во Косово во текот на следната година поради, како што наведе, подобрувањето на безбедносната состојба.