Melike Pala
27 Јули 2026•Ажурирано: 27 Јули 2026
Белгија регистрираше највисока стапка на зголемена смртност во Европа за време на топлотниот бран на крајот на јуни, објави денес белгискиот дневен весник „Хет Ниусблад“, повикувајќи се на податоци од европската мрежа за следење на смртноста „ЕуроМОМО“, пренесува Анадолу.
Податоците од белгискиот Институт за јавно здравје „Сиенсано“ покажаа дека се регистрирани повеќе од 2.000 дополнителни смртни случаи во споредба со очекуваните нивоа на смртност.
Белгија регистрираше стапка на зголемена смртност од 48%, во споредба со 23% во Франција и 13% во Холандија, и покрај слично високите температури.
Експертите велат дека социоекономските фактори придонеле за повисокиот број смртни случаи.
„На пример, постои значителна разлика помеѓу Фландрија и Валонија. И постои неоспорен социоекономски аспект за ова“, изјави биостатистичарот Герт Моленбергс од Универзитетот „Ку Лувен“ и Универзитетот „Хаселт“ за „Хет Ниусблад“.
„Во голема, самостојна куќа со малку зеленило околу неа, е помалку жешко отколку во мал стан со премногу луѓе“, рече тој.
Според извештајот, само во Фландрија е регистрирана зголемена стапка на смртност од 31%, што сепак е повисока од националните бројки објавени за Франција и Холандија.
Моленбергс, исто така, ги посочи моделите на урбан развој на Белгија како можен фактор што придонесува за тоа, велејќи дека „непредвидените“ практики на градење во земјата можеби го засилиле влијанието на екстремните горештини.