Burak Bir
14 Септември 2026•Ажурирано: 14 Септември 2026
Првите министри на трите децентрализирани земји во Обединетото Кралство ќе се состанат во Велс денес, во услови на разговори за „напуштање на Обединетото Кралство“, јавува Анадолу.
Ова ќе биде прва средба во живо меѓу тројцата националистички лидери: Рун ап Јорверт, прв министер на Велс и лидер на партијата Плаид Кимру; Џон Свини, прв министер на Шкотска и лидер на Шкотската национална партија (СНП); и Мишел О'Нил, прва министерка на Северна Ирска и лидерка на партијата Шин Фејн.
На разговорите во велшкиот главен град ќе присуствува и претседателката на Шин Фејн од Ирска, Мери Лу Мекдоналд.
Првпат откако во 1997 година започна процесот на пренесување на овластувањата, сите три земји имаат први министри што сакаат да го напуштат Обединетото Кралство.
Во изјавата за „Скај њуз“ пред средбата, О'Нил рече дека целокупниот политички пејзаж „значително се менува“, додавајќи дека обединувањето на Ирска е „сериозно во игра“.
Ова следува откако американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека интегрирањето на Ирска и Северна Ирска претставува „еден од најприродните потези на сите времиња“, сугерирајќи дека историските поделби треба да се решат.
Овие изјави дојдоа по коментарите што тој ги даде во саботата додека престојуваше во Ирска, кога рече дека би сакал да види обединета Ирска.
„Променливиот политички пејзаж на овие острови“ значи дека постојат силни аргументи за „практична политичка соработка“ во области, како што се енергетиката, економијата и соработката со Европа, изјави портпаролот на Плаид, пренесено од Би-би-си.
Во меѓувреме, лидерот на СНП, Свини, рече дека трите партии го делат ставот оти „луѓето од нашите соодветни земји мора да можат сами да ја обликуваат својата иднина“.
„Во овој клучен момент на уставни промени, ќе го продлабочиме нашето партнерство“, напиша тој на американската платформа за социјални медиуми X.
Според медиумските јавувања, се очекува тројцата лидери да потпишат заедничка декларација со која се бара на нивните земји да им се даде право да одржат референдуми за независност.