Elena Teslova
17 Септември 2026•Ажурирано: 17 Септември 2026
Украинскиот претседател Влaдимир Зеленски денес во Киев се сретна со словенечките министри за надворешни работи и за одбрана за разговори за соработката во областа на беспилотните летала и за заедничките одбранбени проекти, пренесува Анадолу.
Министерот за надворешни работи Тоне Кајзер и министерот за одбрана Валентин Хајдињак го посетија украинскиот главен град како дел од владина делегација, придружувани од претставници на водечки словенечки компании, објави Зеленски на американската платформа за социјални медиуми X.
„Нашите земји работат на договорот за беспилотни летала, а разговаравме и за првите резултати и за заедничките одбранбени проекти што може да ги реализираме“, рече тој.
Словенечкото Министерство за надворешни работи, исто така, ја потврди средбата, наведувајќи дека Кајзер нагласил оти неговата земја е сигурен партнер на Украина и сака да ја прошири соработката, вклучително и во областите на безбедноста и одбраната.
„Детално разговаравме за иднината на Украина како дел од обединета Европа, за безбедноста во нашиот регион и за постојаните напади од Русија“, истакна Зеленски.
Тој ѝ се заблагодари на Словенија за придонесот од 50 милиони долари во ПУРЛ – заедничка иницијатива на НАТО и САД, започната во јули 2025 година, која им овозможува на сојузниците и партнерите да финансираат набавка на оружје и воена опрема од американско производство за Украина.
Украинскиот министер за надворешни работи Андриј Сибиха ја поздрави посетата на Кајзер, истакнувајќи дека двете земји делат интерес за силна и безбедна Европа.
„Може да направиме многу повеќе заедно за да придонесеме кон нејзиното зајакнување“, рече Сибиха, додавајќи дека очекува „суштински и продуктивни“ разговори.