Melike Pala
14 Јули 2026•Ажурирано: 14 Јули 2026
Два шумски пожара во француската шума Фонтенбло продолжија да се шират во текот на ноќта, при што се опожарени 1.920 хектари земја, а властите приведоа две лица осомничени за намерно започнување на првиот пожар, објави денес БФМТВ, пренесува Анадолу.
Распоредени се околу 600 пожарникари што продолжуваат со операциите за гаснење.
Пожарникарите изјавија дека двата активни пожара во шумата Фонтенбло зафатиле површини од вкупно 1.920 хектари.
Првиот пожар, кој избувна во неделата, опожари околу 1.500 хектари, а вториот уништи помеѓу 300 и 400 хектари.
Францускиот министер за транспорт Филип Табаро повика на „многу строги казни“ за одговорните за намерно започнување пожари, велејќи дека некои прекршители треба да добијат и медицински третман.
Тој додаде дека лицата за кои ќе се потврди дека намерно подметнувале пожари треба да се соочат со „многу строги казни“, а оние што страдаат од пироманија треба да добијат соодветно лекување.
Француските власти соопштија дека 59 лица се уапсени низ целата земја од почетокот на сезоната на пожари под сомнение за намерно предизвикување пожари.
Две лица се приведени во врска со пожарот во Фонтенбло.
Железничката линија во Јужна Франција и натаму е во прекин поради шумскиот пожар кај Требијак, во регионот на Источни Пиринеи.
Во пожарот, кој избувна претходно овој месец, оштетена е железничката инфраструктура по должината на трасата Перпињан-Вилфранш-Верне-ле-Бен.
Националниот железнички оператор СНКФ соопшти дека железничките услуги помеѓу Ил-сур-Тет и Вилфранш-Верне-ле-Бен ќе бидат во прекин најмалку до 20 јули.
Шумски пожари ги зафатија и Бретања и Лозер, а пожарникарите продолжуваат со напорите за справување со неколку жаришта.
Во департманот Кот-д'Армор во Бретања вчера беа евакуирани повеќе од 100 луѓе откако избувна пожар во близина на Кап Фреел, при што се опожарени околу 38 хектари.
Властите објавија дека во Лозер изгореле 107 хектари.