Riyaz Khaliq Khaliq
18 Септември 2026•Ажурирано: 18 Септември 2026
Најмалку шестмина ученици загинаа, а 17 се повредени во пукање во средно училиште во јужниот дел на Филипини денес, соопшти филипинското Министерство за социјална заштита и развој, јавува Анадолу
Пукањето се случило во Националното средно училиште „Банга“, во градот Банга, во провинцијата Јужен Котабато.
Осомничениот напаѓач, за кого се претпоставува дека бил ученик, е меѓу загинатите, објави телевизијата ГМА нетворк.
По инцидентот, во целиот Банга веднаш е прекината наставата на сите нивоа, соопшти Општинската канцеларија за намалување и управување со ризици од катастрофи.
Министерството за образование соопшти дека е „длабоко загрижено“ поради пукањето и дека соработува со претставници на училиштето, локалните власти и безбедносните служби за да ги утврди околностите и да обезбеди помош.
„Во овој момент наш приоритет се безбедноста и благосостојбата на нашите ученици, наставници и училишниот персонал“, соопшти Министерството.
Оттаму додаваат дека на погодените лица ќе им бидат обезбедени психолошка прва помош, како и поддршка за менталното здравје и психосоцијална поддршка.
Министерството, исто така, ја повика јавноста да не шири непроверени информации додека надлежните органи го истражуваат пукањето.
Денешното пукање се случи еден месец по нападот со огнено оружје во Универзитетот „Атенео де Замбоанга“ во јужниот дел на Филипини, во кој на 18 август загинаа двајца студенти, меѓу кои и ученикот што го изврши нападот.
Властите сè уште не го соопштиле можниот мотив за најновото пукање.