Berk Kutay Gökmen
22 Септември 2026•Ажурирано: 22 Септември 2026
Одборот за мир денес ги повтори своите клучни цели за Газа, во пресрет на собирањето на светските лидери во Њујорк на Генералното собрание на ОН, повикувајќи на меѓународна поддршка за спроведување на Мапата на патот за ставање крај на конфликтот, јавува Анадолу.
Во соопштение на американската платформа за социјални медиуми Х, Одборот наведе дека неговите заеднички цели вклучуваат демилитаризација и дерадикализација на Газа, континуирана хуманитарна помош и обнова, ефикасна палестинска цивилна и безбедносна управа и трајна безбедност за Палестинците и Израелците.
Одборот, со кој претседава американскиот претседател Доналд Трамп, соопшти дека планот го отвoрил патот за ослободување и враќање на сите израелски заложници, Самитот за мир во Газа во Шарм ел-Шеик и последователни чекори, меѓу кои резолуцијата 2803 на Советот за безбедност на ОН и воспоставувањето на Одборот за мир.
Исто така, наведе дека договорот постигнат со Хамас на 30 јули претставува патоказ за следните фази од прекинот на огнот, вклучително и демилитаризација, повлекување на Израел, палестинска управа и обнова.
Одборот ги повика сите страни да ги почитуваат своите обврски и да избегнуваат дејствија што би можеле да го поткопаат прекинот на огнот, а ги повика меѓународните партнери да ја преточат политичката поддршка во конкретни обврски.
„Генералното собрание на ОН претставува можност меѓународната заедница да се обедини околу една договорена рамка“, се наведува во соопштението, со нагласување дека дипломатијата е средство за постигнување траен мир и безбедност во Газа.
Од 8 октомври 2023 година, Израел уби повеќе од 73.000 Палестинци, а повредени се над 174.000 во војната во Газа, додека околу 90 отсто од инфраструктурата во енклавата е оштетена или уништена.