Faisal Mahmud
11 Август 2026•Ажурирано: 11 Август 2026
Австралија и Виетнам денес се договорија да го продлабочат сеопфатното стратегиско партнерство во областите на одбраната, безбедноста, трговијата и чистата енергија за време на разговорите меѓу австралискиот премиер Ентони Албаниз и виетнамскиот претседател То Лам во Канбера, јавува Анадолу.
Двајцата лидери ја потврдија посветеноста кон „мирен, стабилен и просперитетен Индопацифик“, ослободен од принуда и во кој се почитува суверенитетот, се наведува во соопштението од Кабинетот на австралискиот премиер.
Тие изразија загриженост поради случувањата во Јужното Кинеско Море и ја нагласија важноста на непреченото пловење и прелетување, мирното решавање на споровите и почитувањето на меѓународното право, особено Конвенцијата на ОН за правото на морето од 1982 година.
Албаниз и Лам ја поздравија обновената заедничка визија за одбранбената соработка и се договорија да ја прошират соработката во областа на воената обука, поморската безбедност, мировните мисии, операциите за пребарување и спасување, размената на информации и борбата против тероризмот.
Двете земји ќе ја зајакнат и соработката во борбата против киберкриминалот, онлајн измамите, трговијата со дрога и луѓе и финансирањето на тероризмот.
Во однос на економските врски, лидерите ветија дека ќе ја прошират билатералната трговија и инвестициите, ќе ги зајакнат синџирите на снабдување и ќе ја продлабочат соработката во областа на клучните минерали.
Тие, исто така, ги поздравија договорите што опфаќаат земјоделство, стручно образование, воздухопловство, здравство, наука и технологија.
Двете страни се обврзаа да ја забрзаат употребата на обновливи извори на енергија и да ја зајакнат соработката во борбата против климатските промени, задржувајќи ја целта за постигнување нето-нулта емисија до 2050 година.
Лидерите повикаа и на итен прекин на насилството во Мјанмар, непречен пристап на хуманитарната помош и инклузивен дијалог, истовремено потврдувајќи ја поддршката за централната улога на АСЕАН во регионалната архитектура.