Şahin Demir
04 Август 2026•Ажурирано: 04 Август 2026
Четворица цивили од исто семејство загинаа, а шестмина други се повредени доцна синоќа при експлозија на нагазна мина во западната јеменска покраина Ходеида, соопштија владините власти, пренесува Анадолу.
Во соопштението на Канцеларијата за медиуми на гувернерството Ходеида, повикувајќи се на владината Канцеларија за човекови права, се наведува дека експлозијата се случила во близина на Бир ал-Зафаран, северно од областа Ал-Дурајхими, во јужниот дел на покраината Ходеида.
Во соопштението се обвинува движењето Хуси дека ја поставило експлозивната направа, оценувајќи го инцидентот како еден од најсмртоносните во покраината. Хусите засега не дадоа коментар за обвинувањата.
Властите предупредија дека Ходеида и натаму е една од јеменските покраини со најмногу нагазни мини, експлозивни направи и други остатоци од војната, за што ја обвинија, како што наведуваат, широката и неселективна употреба на мини од страна на Хусите.
Обединетите нации во мај 2023 година предупредија дека милиони нагазни мини и неексплодирани убојни средства сè уште го попречуваат доставувањето хуманитарна помош низ Јемен.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст, исто така, во јули 2023 година предупреди дека неексплодираните убојни средства претставуваат закана за милиони жители на Јемен.
Според официјалните процени на јеменските власти, од почетокот на конфликтот меѓу владините сили и движењето Хуси, пред речиси 12 години, низ земјата биле поставени повеќе од два милиона нагазни мини, поради што загинале илјадници цивили во повеќе покраини.