Mohammad Sio
19 Јуни 2026•Ажурирано: 19 Јуни 2026
Израелскиот министер за национална безбедност, Итамар Бен-Гвир, денес повика на интензивирање на нападите во Либан, откако израелската Армија соопшти дека четворица војници загинале за време на судирите во јужниот дел на земјата, пренесува Анадолу.
Во објава на американската компанија за социјални медиуми Х, Бен-Гвир изјави дека Израел треба да одговори со сила и покрај меѓународниот притисок.
„Со сета должна почит кон Американците, Израел мора да му стави јасно до знаење на целиот свет дека крвта на нашите синови и безбедноста на нашите граѓани не се залудни. Цел Либан мора да гори“, напиша тој.
„Нашата најголема должност е да ги заштитиме граѓаните на Израел и војниците на ИДФ. Оваа обврска е над сите други интереси“, додаде тој.
Бен-Гвир истакна дека својот став му го пренел директно на премиерот Бенјамин Нетанјаху. „Му реков на премиерот, дури и на нашите приватни средби: За секоја солза на израелска мајка, илјада либански мајки мора да плачат“.
Повикувајќи на поостар напад, министерот од екстремната десница додаде дека на Блискиот Исток е неопходно „да се збесне. Да се збрише. Да се здроби теророт“.
Ваквите изјави следуваа откако израелската војска објави дека четворица војници загинале за време на судирите во јужен Либан, во услови на континуираните тензии покрај израелско-либанската граница.
И покрај договорот меѓу САД и Иран, за кој беше објавено дека содржи одредби насочени кон прекин на непријателствата во Либан, израелските напади продолжија и по полноќ.
Претходно денес, најмалку 24 лица загинаа, а неколку други беа ранети во серија израелски напади во јужен Либан, јави државната либанска новинска агенција (ННА).
Агенцијата соопшти дека во нападите биле погодени населени куќи во Ал-Шаркија, Харуф и Кфар Сир во областа Набатије, при што неколку лица се водат како исчезнати.
Според последните официјални податоци, во израелската воена офанзива во Либан, што започна на 2 март, загинаа 3.912 лица, ранети се 11.873, а раселени се повеќе од еден милион жители.
За време на последната воена кампања, израелските сили напредуваа повеќе од 10 километри на либанска територија.