Mohammad Sio
26 Август 2026•Ажурирано: 26 Август 2026
Иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи одделно телефонски разговараше со началникот на пакистанската армија, фелдмаршалот Асим Мунир и со катарскиот министер за надворешни работи Мохамед бин Абдулрахман ал-Тани за напорите за намалување на регионалните тензии, соопшти иранското Министерство за надворешни работи, пренесува Анадолу.
Во разговорот Арагчи и Мунир ја истакнале потребата од продолжување на консултациите и заедничките напори за унапредување на мирот и безбедноста во регионот, објави Министерството во соопштение.
Арагчи и Ал-Тани разговарале и за важноста од користење дипломатски канали и одржување координација, со цел да се спречи натамошна ескалација во регионот, се додава понатаму.
Катарското Министерство за надворешни работи соопшти дека Ал-Тани и Арагчи разговарале и за најновите регионални случувања, особено за тековните разговори меѓу Оман и Иран за воспоставување привремен заеднички поморски коридор низ Ормускиот Теснец и заеднички проект за расчистување на мините од водниот пат.
Ал-Тани ја истакна „целосната поддршка на Катар за дипломатските напори“ и иницијативите насочени кон наоѓање решение што ќе гарантира слобода на поморската пловидба и ќе го отвори патот кон сеопфатен договор што би обезбедил одржлив мир во регионот, соопшти Министерството.
Претходно во вторникот Оман и Иран објавија предлог-рамка за воспоставување привремен заеднички поморски коридор низ Ормускиот Теснец и спроведување заеднички проект за расчистување на мините во водниот пат.
Ова беше објавено во заедничкото соопштение по состанокот во Техеран меѓу оманскиот министер за надворешни работи Бадр Албусаиди и Арагчи, според Министерството за надворешни работи на Оман.
Објавата е дадена откако американскиот претседател Доналд Трамп во вторникот изјави дека американската морнарица го информирала дека сите мини во меѓународните води на Ормускиот Теснец се отстранети или детонирани.
Вашингтон го смета теснецот за меѓународен воден пат што треба да остане отворен за слободна пловидба и се противи на воведување такси за бродовите или аранжмани што би му дале на Иран формална улога во управувањето со поморскиот сообраќај.
САД се залагаат за користење на побезбедна јужна поморска маршрута во близина на оманските води, при што ќе ја спроведуваат блокадата на иранските пристаништа и економските санкции за Техеран.
Кон крајот на февруари САД и Израел извршија ненадеен напад врз Иран, по што Техеран возврати со напади врз Израел и врз американски воени цели низ регионот.
На средината на јуни САД и Иран, со посредство на Пакистан и Катар, потпишаа меморандум за разбирање, но подоцна спроведувањето на меморандумот беше прекинато поради несогласувања поврзани со Ормускиот Теснец.
Минатиот месец САД ги обновија воените напади врз Иран, а Техеран возврати со напади врз американски воени цели во повеќе арапски држави сојузници на Вашингтон.