Lina Altawell
24 Јуни 2026•Ажурирано: 24 Јуни 2026
Израелската армија утринава во текот на упадите низ окупираниот Западен Брег, како и во Ерусалим, приведе 11 Палестинци, меѓу кои една жена, јавува Анадолу.
Во Калкилија, израелските сили приведоа тројца Палестинци, а тројца беа приведени во губернијата Витлеем, соопшти Канцеларија за медиуми на затворениците.
Една жена, исто така, е приведена во селото Иктаба, источно од Тулкарем, еден Палестинец од Џаба, јужно од Џенин, како и двајца млади мажи во селото Кусра, јужно од Наблус.
Во северозападниот дел на окупираниот Ерусалим израелските сили приведоа и палестински универзитетски професот од градот Биду.
Припадници на армијата упаднаа и во десетици куќи во селото Мадама, јужно од Наблус, каде што го испрашуваа локалното население, но во акцијата нема приведени лица.
Осуммина Палестинци беа повредени во нападите на окупаторите врз куќи и имот во губерниите Хеброн и Наблус.
Во Јата, јужно од Хеброн, вооружени окупатори нападнаа куќи и земјоделско земјиште во областите Вади ал-Рахим и Калет ал-Хумус, при што повредија четворица Палестинци со бибер-спреј и откорнаа околу 60 дрвја, изјави активистот Осама Махамра. Окупаторите, исто така, го затворија патот што ги поврзува двете области, додаде тој.
Во селото Бурин, јужно од Наблус, окупатори од населбата Јицхар нападнаа куќа на жител, физички нападнаа маж и тројца од неговите синови и скршија две возила, соопшти претседателот на селскиот совет на Бурин, Ибрахим Имран.
Од 8 октомври 2023 година во нападите од израелската армија и окупаторите на Западниот Брег загинаа 1.173 Палестинци, повредени се 12.666, уапсени се околу 23.000 и раселени се 33.000 луѓе, според официјалните палестински податоци.
Палестинците предупредуваат дека нападите го подготвуваат патот Израел формално да го анектира Западниот Брег, што би ја прекинало можноста за воспоставување независна палестинска држава според резолуциите на ОН.
Израел беше формиран во 1948 година на земји окупирани од вооружени ционистички групи, а во 1967 година ги окупираше преостанатите палестински територии, вклучително и Западниот Брег, Појасот Газа и источниот дел на Ерусалим.