Sinan Doğan
10 Август 2026•Ажурирано: 10 Август 2026
Министерството за надворешни работи на Перу вчера соопшти дека 11 перуански граѓани загинале, а 114 се водат како исчезнати откако се вклучиле во војната меѓу Русија и Украина, јавува Анадолу.
Во соопштението Министерството наведе дека 31 Перуанец бил евакуиран од Русија, а официјално е потврдено дека 459 граѓани на Перу учествувале во војната.
„Според официјални податоци, утврдено е дека 459 перуански граѓани учествувале во војната. За жал, 11 од нив ги загубиле животите, 114 се водат како исчезнати, а тројца се заробени од украинската армија“, соопшти Министерството.
Министерството додаде дека конзуларното одделение на Амбасадата на Перу во Русија работи на враќање во земјата на двајца млади Перуанци кои се во тешка состојба.
Се наведува дека уште двајца перуански граѓани се вратиле во земјата кон крајот на јули по завршувањето на конзуларните постапки.
Министерството ги предупреди Перуанците да не одговараат на лажни понуди за работа поврзани со војната меѓу Русија и Украина, поради ризикот да станат жртви на мрежи за трговија со луѓе.
Исто така, ги потсети граѓаните дека за служење во вооружените сили на странска држава е потребно официјално одобрение од Владата.
Министерството ги повика граѓаните да ги пријават трговците со луѓе што се вклучени во вакви активности во Јавното обвинителство и Националната полиција.
Жртвите и нивните роднини може да се обратат и до конзулатите на Перу во Москва и Варшава, кои се надлежни за конзуларните прашања поврзани со регионот на Украина, соопшти Министерството.
Според известувањата на перуанските национални медиуми, семејствата на Перуанците кои се вклучиле во руската армија се собрале пред руската амбасада во Лима, барајќи нивните роднини, особено оние што биле повредени, да бидат вратени во Перу и властите да обезбедат информации за нивната локација.
Портпаролот на семејствата изјави дека добиле информации според кои најмалку 150 Перуанци биле убиени, но нагласи дека бројката сè уште не е официјално потврдена.
Владата на Перу побарала помош од Меѓународниот комитет на Црвениот крст за лоцирање на исчезнатите граѓани.