Amir Latif Arain, Riyaz Khaliq Khaliq
03 Септември 2026•Ажурирано: 03 Септември 2026
Семејствата во поплавените области на Непал одржуваат симболични погреби за исчезнатите најблиски, бројот на жртви од ненадејните поплави се искачи на 1.252, а над 4.200 лица се водат како исчезнати, покажаа денешните официјални податоци, јавува Анадолу.
Во соседна Кина загинаа 21 лице, а како исчезнати се водат 541, вклучително и 261 странец, според локалните власти.
Вкупниот број на жртви од двете земји изнесува 1.273, а 4.757 лица се водат како исчезнати, вклучително и 844 странски државјани.
Во Расува, еден од најтешко погодените окрузи во Непал, семејствата изработиja погребни фигури од кас-куш, односно света трева, и извршиле последни обреди за да ги „ослободат душите“ на исчезнатите роднини откако изгубиле надеж дека ќе ги пронајдат нивните тела, објави „Катманду пост“.
Во среда, десетици такви фигури се симболично кремирани на масовен погреб во храмот Пашупати Арјагат во Катманду на бреговите на реката Багмати.
Во Читван, уште еден тешко погоден округ, властите ги закопаа неидентификуваните тела откако собраа примероци од ДНК бидејќи бројот на останки ги отежнуваше индивидуалната идентификација и складирање.
Многу жртви од поплавите останаа без места за да ги почитуваат жалните ритуали откако поплавите ги однесоа и членовите на семејството и домовите во неколку области.
Оние што изгубија сè и патуваа во Катманду барајќи засолниште, исто така, не беа во можност да најдат простор во јавните објекти за ритуалите.
Воениот персонал, полицијата и другите служби денес продолжија со операциите за пребарување и спасување во поплавените области.
Сепак, спасувачите се соочија со тешкотии бидејќи патиштата, снабдувањето со електрична енергија и комуникациите се прекинати низ широки области.
Исто така, тие работеа на доставување хуманитарна помош и одржување на хигиената во засолништата за да се спречи ширењето на заразни болести.
Катастрофата се случи на 26 август кога глечер на планината Лангтанг Лирунг во Непал се скрши на надморска височина од околу 5.200 метри, предизвикувајќи лавина од ледени карпи што се разви во масивен тек на остатоци и ги зафати долините по должината на границата.
Поплавите и лизгањата на земјиштето ги опустошија непалските области Расува, Нувакот, Дадинг и Кавре, како и долината Катманду, а го затрупаа и граничниот премин Ѓиронг во југозападниот кинески автономен регион Ксизанг, познат и како Тибет.