Berk Kutay Gökmen
29 Јули 2026•Ажурирано: 29 Јули 2026
Американскиот претседател Доналд Трамп побара од Врховниот суд да ја поништи пресудата за клевета вредна 83 милиони долари доделена на колумнистката Е. Џин Керол, тврдејќи дека претседателскиот имунитет го штити од одговорност за изјавите дадени додека бил на функција, јавува Анадолу.
Неговите адвокати наведоа дека одлуката за имунитет на Врховниот суд од 2024 година се применува и во овој случај, истакнувајќи: „Ова е прв случај во историјата на нашата земја во кој судот му наметнува материјална одговорност за штета на еден претседател за неговото постапување за време на функцијата.“
Министерството за правда, исто така, го повика Врховниот суд да ѝ овозможи на федералната Влада да го замени Трамп како обвинет во процесот, пренесува „Вашингтон пост“.
Доколку ова биде одобрено, администрацијата би можела да побара поништување на пресудата бидејќи федералната Влада не може да биде тужена за клевета. Пониските судови претходно веќе одбија слични барања.
Керол јавно го обвини Трамп во 2019 година, по што тој ги негираше обвинувањата, нарекувајќи ги „целосна измама“, „лажна вест“ и „смислена игра“, чија цел е да ја зголеми продажбата на нејзината книга.
Апелациониот суд ја потврди пресудата во септември и подоцна одби повторно да го разгледа случајот, со што се отвори пат за жалбата на Трамп пред Врховниот суд.
Трамп, исто така, поднесе жалба на посебната пресуда од 5 милиони долари во друг случај за клевета што го поднесе Керол. Врховниот суд во јуни одби да ја укине таа пресуда, со која Трамп беше прогласен за одговорен за сексуална злоупотреба и клевета.