Necva Taştan Sevinç
03 Август 2026•Ажурирано: 03 Август 2026
Четвртиот топлотен бран ова лето во Италија денес го достигна својот врв, при што е прогласена црвена тревога во рекордни 25 градови, додека температурите во одделни делови од земјата надминаа 40 Целзиусови степени, јавуваат локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Италијанското Министерство за здравство го зголеми бројот на градови кои се под највисоко ниво на предупредување за екстремни горештини од 23 вчера на 25 денес, што претставува најголем број ова лето, објави весникот „Кориере дела Сера“.
Од листата на градови со црвена тревога се изземени само Реџо Калабрија и Месина, кои и понатаму се под жолто предупредување.
Најпогодени од топлотниот бран се долината на реката По и централниот дел на Италија, додека температурите во внатрешноста на земјата и на островот Сардинија исто така би можеле да надминат 40 Целзиусови степени.
Во делови од централна и северна Италија се очекува ноќните температури да останат над 25 Целзиусови степени, што метеоролозите го опишуваат како „супертропски ноќи“.
Во централната покраина Терни во неделата биле измерени 41 Целзиусов степен.
Експертите ги припишуваат екстремно високите температури на африканскиот антициклон и на континуираното затоплување на Средоземното Море, каде што температурата на површината на водата во поголем дел од басенот достигнала или надминала 30 Целзиусови степени.
„Сета оваа акумулирана топлина ќе ја зголеми атмосферската нестабилност“, изјави метеорологот Лоренцо Тедичи од порталот „iLMeteo.it“, предупредувајќи на силни попладневни грмежи и невреме на Алпите и Апенините.
Италијанската служба за цивилна заштита издаде жолти предупредувања за обилни врнежи долж Апенинскиот планински венец од Умбрија до Калабрија, како и во внатрешноста на Сицилија.
„За вистински пресврт што ќе стави крај на најжешката фаза од летото 2026 година ќе треба да почекаме најмалку до средината на август“, изјави Тедичи.
Надлежните власти, исто така, предупредија на зголемен ризик од шумски пожари, при што за Сицилија и регионот Емилија-Ромања е прогласено портокалово ниво на тревога.