Dzihat Aliju
21 Август 2026•Ажурирано: 21 Август 2026
Портпаролката на Министерството за надворешни работи на Русија, Марија Захарова, тврди дека ситуацијата на Србите во Косово се влошила и дека врз нив се спроведува „намерен и систематски терор“, пренесува Анадолу.
Во соопштението објавено од руското Министерство за надворешни работи, Захарова тврди дека врз Србите во Косово се спроведува „намерен и систематски терор“.
Таа ја оцени ситуацијата како чудна бидејќи, според неа, „притисокот врз етничка основа“ се врши од страна на Косово, со „одобрување“ на меѓународните мисии распоредени во Косово под покровителство на НАТО, ЕУ и ОН.
Захарова тврди дека ситуацијата на Србите во Косово станала катастрофална, дека тие се принудени да ги напуштаат своите домови, додека косовскиот правосуден систем „масовно започнува“ кривични постапки и спроведува кампањи за заплашување.
Портпаролката исто така спомена случаи на „очигледно непропорционална употреба на сила, вклучително и тортура, како и уривање на српски имоти“, осврнувајќи се на акцијата за уривање на куќи изградени во Газивода.
- „ЕУ не успеа во спроведувањето на договорите за создавање Заедница на општини со српско мнозинство во Косово“ -
Осврнувајќи се на неодамнешната одлука на КФОР да го намали присуството на своите единици на неколку места во Косово, вклучително и на мостот над реката Ибар во Северна Митровица и кај манастирот Дечан, Захарова ги оцени обидите да се оправда оваа одлука со тврдењето дека безбедносната ситуација во Косово се подобрила како „цинични и неодговорни“.
„Јасно е дека Полицијата на Косово под никакви околности нема да ги заштити Србите и ќе го употреби целиот свој арсенал на репресивни средства против нив при првата можност“, рече таа.
Таа исто така ја критикуваше Европската Унија (ЕУ), обвинувајќи го Брисел дека не успеал да ги спроведе договорите од 2013-2015 година за создавање Заедница на општини со српско мнозинство во Косово.
„Мултинационалниот контингент распоредeн врз основа на резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН мора целосно да продолжи да ги исполнува своите задачи“, рече Захарова, барајќи невклучување на безбедносните сили на Косово.
Таа повика Мисијата на ОН во Косово (УНМИК) целосно да го спроведе својот мандат и побара од меѓународните организации да преземат мерки за да го спречат она што го оцени како „хуманитарна катастрофа“ во Косово.