Aysu Biçer
07 Октомври 2026•Ажурирано: 07 Октомври 2026
Лондон ќе биде домаќин на второто издание на лондонскиот Халал-форум на 10 и 11 октомври, на кој ќе се соберат бизнис-лидери, инвеститори, креатори на политики, купувачи и индустриски експерти, јавува Анадолу.
Форумот, под мотото „Халал тајиб за човештвото“, ќе го разгледа ширењето на халал- економијата надвор од рамките на сертификацијата и прехранбените производи кон инвестициите, туризмот, технологијата, синџирите на снабдување, брендирањето и меѓународната трговија.
Дводневниот форум ќе се одржи во лондонскиот центар „Кралица Елизабета Втора“.
Настанот го организира „Халал360“, заедничка иницијатива на Исламската комора за трговија и развој и Компанијата за развој на халал-производи.
Агенција Анадолу го поддржува форумот како негов глобален партнер за комуникации.
На дискусиите особено ќе се разгледува како компаниите може да влезат на нови пазари и да изградат посилни прекугранични партнерства.
- Технологијата и ВИ на агендата -
Се очекува технологијата и вештачката интелигенција да имаат значајно место на форумот, што ја одразува растечката улога на дигиталните алатки во области како што се управувањето со синџирите на снабдување, пристапот до пазарите, сертификацијата и проширувањето на бизнисите.
Учесниците, исто така, ќе разговараат за променливата динамика на глобалните халал-пазари и можностите што ги носи зголемената побарувачка за халал-производи и услуги во различни региони.
Се очекува на настанот да присуствуваат претставници од Турција, Саудиска Арабија, Нигерија, други африкански земји и Обединетото Кралство, создавајќи можности за компаниите и инвеститорите да воспостават нови меѓународни контакти.
- Палестинските компании во фокус -
На настанот „Појадок Палестина“ ќе бидат претставени производи на палестински компании, истовремено истакнувајќи го меѓународниот потенцијал на палестинската кујна и кулинарските традиции.
Програмата ќе го опфати и гала-настанот „Глобална деловна извонредност“, организиран во соработка со форумот „АлБарака“ за исламска економија, како и специјална турска вечера.
Организаторите имаат цел халал-гастрономијата и културните искуства да ги позиционираат не само како потрошувачки сектори, туку и како платформи за зајакнување на трговските врски, унапредување на културната дипломатија и поврзување на компаниите на меѓународните пазари.
Овој форум ќе се реализира по првиот настан одржан минатата година, на кој се собраа повеќе од 1.500 учесници во живо и онлајн, заедно со повеќе од 35 меѓународни говорници.
На првиот форум беше организирана и меѓународна изложба на која беа претставени халал-производи од повеќе од 10 земји.