Serdar Dincel
07 Октомври 2026•Ажурирано: 07 Октомври 2026
Тригодишната израелска војна го опустоши здравствениот систем во Газа, намалувајќи го неговиот капацитет за обезбедување дури и на најосновни здравствени услуги и поткопувајќи ја неговата способност да одговори на потребите на населението, пишува Анадолу.
Во бруталната израелска воена кампања убиени се стотици здравствени работници, уништени се здравствени установи и медицинските тимови останаа без опрема и материјали потребни за згрижување на пациентите.
- Здравствените работници и медицинските установи погодени од војната -
Според генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус, повеќе од 1.700 здравствени работници се убиени во најмалку 920 напади врз здравствени установи во изминатите три години.
Во нападите биле погодени и 386 амбулантни возила.
Во најновото ажурирање на состојбата, здравствената агенција на ОН соопшти дека во здравствениот систем на Газа останале достапни само 2.253 болнички кревети и само 104 кревети на одделенијата за интензивна нега, 343 породилни кревети, 384 кревети во одделенијата за итна помош и 126 инкубатори, за население од повеќе од два милиона луѓе.
- Здравствениот систем доведен до раб на колапс -
Пред почетокот на војната во октомври 2023 година во Појасот Газа функционирале 36 болници во рамките на здравствениот систем.
Според најновата процена на Светската здравствена организација (СЗО), сега само 19 од нив функционираат делумно.
Примарната здравствена заштита, исто така, сериозно е погодена.
Од 233 установи за примарна здравствена заштита, функционираат само 146, оставајќи голем дел од населението со ограничен пристап до рутинска и специјализирана здравствена заштита.
- Недостигот дополнително го зголемува притисокот врз пациентите -
Поради израелските ограничувања на предмети со „двојна намена“, основни лекови, вклучително и инсулин, дијагностичка опрема и гориво, се соочуваат со критичен недостиг.
Пациентите заболени од рак немаат постојан пристап до лекување, пациентите со бубрежни заболувања се соочуваат со тешкотии за редовно добивање дијализа, а мајките и новороденчињата се изложени на зголемени ризици.
Кај илјадници луѓе, исто така, извршени се ампутации – често без анестезија – и предизвикани се други повреди што им го смениле животот, а услугите за рехабилитација остануваат сериозно ограничени.
Дијагностичките капацитети и натаму се ограничени поради недостигот на опрема, потрошен материјал, гориво за генератори и резервни делови.
Севкупно, процените покажуваат дека кај најмалку 2.000 лица во Газа годишно се дијагностицира рак, 45.000 пациенти живеат со кардиоваскуларни заболувања, а повеќе од еден милион луѓе имаат ментални нарушувања.
Повеќе од 500.000 жени во репродуктивна возраст немаат пристап до основни услуги, вклучително и антенатална и постнатална грижа, планирање на семејството и третман на сексуално преносливи инфекции.
- Раселувањето и лошите санитарни услови ги зголемуваат здравствените ризици -
Колапсот на здравствениот систем дополнително е зголемен поради влошувањето на условите во однос на водоснабдувањето, санитарните услови, засолништата и животните услови.
Според процените на СЗО, околу 1,7 милиони луѓе и натаму се раселени, при што многумина живеат во услови со несоодветно засолниште, вода и санитарни услови.
Здравствените власти и хуманитарните организации и натаму известуваат за респираторни инфекции, кожни заболувања и акутна дијареја, а загадувањето на водата и несоодветните санитарни услови го зголемуваат ризикот од нови епидемии.
Медицинската евакуација е од животно значење за пациентите што не може да се лекуваат локално.
Во извештајот од септември СЗО соопшти дека повеќе од 13.760 пациенти биле медицински евакуирани од Газа од октомври 2023 година, но десетици илјади и натаму имаат потреба од специјализирана здравствена грижа што не е достапна во енклавата.
Рајнхилде ван де Вердт, претставничка на СЗО за окупираната палестинска територија, на брифингот за медиумите во април изјави дека за обновувањето на здравствениот систем во Газа ќе бидат потребни околу 10 милијарди долари во следните пет години.