Bahattin Gönültaş
30 Септември 2026•Ажурирано: 30 Септември 2026
Компаниите за вештачка интелигенција (ВИ) се во потрага по големи сетови податоци од банкротирани компании за обука на своите модели, што создава нов комерцијален пазар, но и криза во поглед на безбедноста на податоците во глобалниот технолошки сектор, јавува Анадолу.
Американскиот технолошки гигант „Гугл“ и ВИ-стартапот „Мајкро1“ поднеле повеќемилионски понуди за купување на интерни комуникации и податоци за патници од „Спирит ерлајнс“, која поднела барање за банкрот.
Набавувачите и вработените се загрижени поради можноста за протекување на чувствителни информации.
„Гугл“ понудил 10 милиони долари за сетот податоци, додека „Мајкро1“ е подготвен да плати 12,5 милиони долари.
„Спирит ерлајнс“ на 25 септември продала 27 постари авиони „Ербас“ за 668 милиони долари, во услови на финансиски тешкотии.
На продажба се понудени околу 97,5 милиони записи за патници собрани од 1992 година, покажуваат судските документи поднесени до Стечајниот суд во Њујорк.
Базата содржи 13,7 милиони адреси на електронска пошта, информации од програмата за лојалност и податоци од партнерски компании.
Пакетот вклучува и персонални досиеја за повеќе од 175.000 вработени, како и 1,5 милион интерни комуникации извлечени од различни канали, меѓу кои електронска пошта и „Мајкрософт тимс“.
Судот треба да ја одобри продажбата на рочиште што се очекува да се одржи денес.
Продажбата на податоци од компании кои поднесуваат барање за банкрот прераснува во глобален деловен модел.
Комерцијалните информации, како што се финансиските податоци, не се опфатени со законите за заштита на личните податоци, поради што целиот процес се регулира преку договорни односи, велат правните експерти.