Necva Taştan Sevinç
30 Септември 2026•Ажурирано: 30 Септември 2026
Францускиот претседател Емануел Макрон денес повика на зајакнување на европските трговски механизми за заштита и на зголемување на инвестициите, предупредувајќи дека зависноста од Кина и фосилните горива ја загрозува конкурентноста на континентот, јавува Анадолу.
Макрон, говорејќи во Шпанија, повика Европа да ги зајакне иновациите, да ги поедностави регулативите, да го зголеми финансирањето и да ги заштити индустриските производители од нелојална конкуренција.
„Кина целосно го преплави европскиот пазар. Со децении си велевме: 'Одлично, Кина е огромен пазар за нас Европејците. Ни треба Кина.' Тоа е точно. Пренесовме голем дел од технологијата, продадовме многу, а до одреден степен тоа сè уште го правиме“, рече тој.
Тој ја обвини Кина дека во голема мера ги субвенционира компаниите и применува дампинг за да ги елиминира конкурентите.
„Денес, во моментот кога зборуваме, ние Европејците имаме трговски дефицит со Кина од една милијарда евра дневно“, рече Макрон.
Тој повика на побрзи истраги на Европската комисија, посилни инструменти за трговска заштита и воведување барања со кои ќе се обезбеди увезените производи да исполнуваат исти стандарди што важат за европските производители.
Во однос на енергетиката, тој предупреди дека декарбонизацијата не ја елиминирала ранливоста на Европа.
„Денес сè уште во голема мера сме зависни од фосилните горива. Тоа јасно може да го видиме со случувањата во Ормутскиот Теснец, што претставува проблем за нашите економски модели. Дури и земјите што постигнаа значителен напредок во декарбонизацијата, како Шпанија и Франција, секоја по свој пат, сè уште се соочуваат со овие зависности“, рече тој.
Макрон повика на посилно поврзување на електроенергетските мрежи и поголеми инвестиции во вештачката интелигенција, квантната технологија и одбраната.
„Ние Европејците имаме повеќе заштеди од Американците. Тие заштеди се наоѓаат во нашите банки и осигурителни компании. Бидејќи воведовме исклучително рестриктивни правила по финансиската криза што потекна од американските учесници на пазарот, претерано ги регулиравме нашите банки и осигурителни компании“, рече Макрон.
Тој повика на олеснување на финансиските правила, со цел заштедите да се насочат кон инвестиции, како и на посилен буџет на ЕУ и продлабочување на интеграцијата на единствениот пазар.