Во сириската провинција Кунејтра започна годинашната берба на грозјето, еден од најзначајните земјоделски производи во регионот, во сенка на израелските прекршувања и безбедносните проблеми што произлегуваат од нив, пишува Анадолу.
Упадите на израелската армија во областа ги спречуваат производителите да работат колку што е потребно во лозјата, принудувајќи ги земјоделците набрзина да го соберат родот.
Грозјето што се одгледува во различни сорти и бои во регионот, освен за консумирање во свежа состојба, се извезува и во голема мера се користи за производство на суво грозје и меласа од грозје.

Традицијата на лозарство, која во Кунејтра се одржува со векови, минува низ тежок период поради безбедносните проблеми предизвикани од израелските прекршувања, ниските откупни цени и сè повисоките трошоци.
Раководителот на Одделот за земјоделски работи и заштита на растенијата при Дирекцијата за земјоделство на Кунејтра, инженерот Мухамед Давуд, во изјавата за Анадолу рече дека нестабилноста на безбедносната состојба предизвикана од израелските напади и прекршувања негативно влијае врз земјоделството во областа.
„Земјоделците не може да стигнат до своите земјишта и да ги соберат плодовите од нивите. Ова доведува до големи загуби во производството, а негативно влијае и врз изворите на егзистенција на граѓаните“, рече инженерот Давуд.
Наведувајќи дека Кунејтра се издвојува по многубројни земјоделски производи, особено маслинки, смокви и грозје, Давуд рече дека грозјето е еден од најзначајните производи во регионот.

Давуд посочи дека одгледувањето грозје е традиционална дејност што се пренесува од поколение на поколение, додавајќи: „Грозјето, наследено од татковците и дедовците, освен што се консумира како свежо овошје, се извезува. Исто така, се користи за производство на суво грозје и особено за познатата меласа од грозје во Кунејтра.“
Давуд истакна дека годинашната сезона на берба генерално доцни и рече: „Кога земјоделците ќе ги донесат своите производи на пазарот, се соочуваат со загуби поради пониските цени. Земјоделците се обидуваат да најдат начини како да ги пласираат своите производи.“
Давуд вели дека земјоделците, од една страна, се загрижени поради безбедносната нестабилност, а, од друга страна, поради тоа што пазарот не нуди добра цена за нивните производи.

„Дополнително, зголемувањето на производствените трошоци за ѓубривата и препаратите за заштита на растенијата го зголеми притисокот врз земјоделците и доведе до одредено намалување на земјоделските инвестиции“, додаде тој.
Земјоделецот Мухамед Хасан, кој одгледува грозје во областа Фармите Емел во Кунејтра, рече дека во 90-тите години, кога се населиле во регионот, одгледувањето грозје не било распространето, но дека се насочиле кон тоа откако виделе лозја кај производителите во различни области.
„Во периодот кога во нашиот регион се водеше војна, силите на соборениот режим и Шебиха (приврзаници на режимот) им ги украдоа пумпите за вода на земјоделците. Претрпевме штета и долго време ни беше оневозможен пристап до сопствените земјишта“, рече Хасан.
Наведувајќи дека доколку се воспостави стабилност во регионот, многу луѓе размислуваат повторно да засадат лозја, Хасан рече дека лозарството во Кунејтра може повторно да оживее.
Хасан објасни дека спречувањето на земјоделците од страна на Израел да пристапат до своите земјишта ги остава лозјата без вода, истакнувајќи дека долготрајниот недостиг на вода во периодот кога лозата има потреба од тоа предизвикува болести и загуби во родот.
„Лозата е навикната на вода. Кога ќе ожедни, се појавува состојба што ја нарекуваме 'болест од жед'. Она што се случуваше во тој период имаше големо влијание. Овде поголем дел од лозите претрпеа штета поради тоа што ни беше оневозможен пристап до нашите земјишта и поради занемарувањето. Се надевам дека кога ќе се воспостави стабилност во регионот, ќе видиме дека многу луѓе размислуваат повторно да засадат лозја и да го оживеат лозарството. Луѓето увидоа дека одгледувањето грозје е најдобра опција“, објасни тој.
Наведувајќи дека грозјето е еден од основните земјоделски производи во регионот, Хасан истакна дека безбедносните проблеми за време на воените години директно влијаеле врз производството.
Хасан ја истакна отпорноста на грозјето на климатските услови во регионот, додавајќи дека во однос на пласманот на производот, во споредба со некои други овошја, на производителите им дава повеќе време.
На крајот Хасан ја објасни својата стратегија за пласман и предностите на производот велејќи:
„Наместо секој ден да берам по еден тон грозје и цела сезона да ја завршам со ниска цена, постепено го пласирам производот на пазарот. Кога цената ќе порасне, повторно може да се пласира родот. Токму затоа избрав да одгледувам грозје. Грозјето е отпорно на временските услови и приносот е добар.“
news_share_descriptionsubscription_contact
contact_the_ombudsman
is_there_an_error_in_this_story


