Срна повредена од автомобил додека бегала од предатор преживеа по две операции
- Кај срната биле утврдени отворена скршеница на ногата и повреда на главата, по што ѝ била укажана итна медицинска помош. По неколкудневно следење на нејзината општа состојба, срната е оперирана.
Şaduman Türkay
02 Октомври 2026•Ажурирано: 02 Октомври 2026
photo: Cemal Yurttaş / AA
ИСТАНБУЛ
Срната, која во истанбулската населба Бејкоз излегла на патот додека бегала од предатор и била удрена од возило, по што ногата ѝ била скршена и ставена во гипс, по две операции во Факултетот за ветеринарна медицина на Универзитетот во Истанбул – Џерахпаша го очекува денот кога повторно ќе биде пуштена во природа, пишува Анадолу.
Срната, која на крајот на јули е повредена во сообраќајна несреќа во областа Бејкоз, е донесена на Факултетот за ветеринарна медицина на Универзитетот во Истанбул – Џерахпаша од екипи на Дирекцијата за заштита на природата и националните паркови.
Кај срната биле утврдени отворена скршеница на ногата и повреда на главата, по што ѝ била укажана итна медицинска помош. По неколкудневно следење на нејзината општа состојба, срната била оперирана.
Поради компликацијата што се појавила на местото што било оперирано, била извршена и втора операција, како и ревизиска интервенција, а лекувањето на срната продолжува.
Бидејќи долго време не можела да ја користи ногата, кај срната се појавила и атрофија на мускулите, поради што се спроведува физикална терапија и рехабилитација за повторно да може да ја користи ногата.
За лекувањето да се одвива со помалку стрес, ветеринарите ја навикнале срната на нивното присуство, па промената на завоите може да се врши без седација или анестезија.
Состојбата на срната се подобрува, а таа почнала постепено да се потпира на повредената нога. За зараснување на коската и повторно зајакнување на мускулите ќе остане под надзор на факултетот уште извесно време.
Бидејќи станува збор за млада срна, нејзините рогови се превиткуваат и се фиксираат со лента, со цел да не се повреди самата, но и да не ги повреди ветеринарите за време на лекувањето.
По завршувањето на лекувањето, цел е срната повторно да биде пуштена во своето природно живеалиште.
- „За нас е многу важно факторот на стрес кај овие животни да биде колку што е можно помал“ -
Истражувачката во Одделот за болести на дивите животни и екологија при Факултетот за ветеринарна медицина на Универзитетот во Истанбул – Џерахпаша, Емине Ирем Девеџи, за Анадолу го објасни процесот на лекување на срната.
Девеџи раскажа дека срната кај нив била донесена со скршеница на ногата и повреда на главата откако ја удрило возило во кое се забила додека бегала од напад на предатор.
Фотографија : Cemal Yurttaş/AA
„Повредата на главата е состојба за која е потребна итна интервенција. Најпрво ѝ укажавме итна помош. Неколку дена ја следевме нејзината состојба. Бидејќи за операцијата требаше да биде ставена под анестезија, мораше да ја стабилизираме нејзината општа состојба“, рече таа.
Девеџи посочи дека операцијата била извршена откако се подобрила општата состојба на срната.
„Секако, ова се многу чувствителни животни, а и будењето од анестезија е многу чувствителен процес. Во овој процес може да се појават и компликации поврзани со операцијата. Имаше и втора операција, односно ревизија. Бидејќи првите операции не може секогаш да бидат многу успешни. Сега ја извршивме и втората операција. Таа е во многу добра состојба. Почна постепено да ја потпира ногата“, рече таа.
„За да може да продолжиме со лекувањето, ја навикнавме на неколкумина од нас. Така, може да продолжиме со лекувањето без стрес, барем без примена на седација, анестезија и слични постапки. Промената на завоите може да ја правиме без анестезија и седација. Тоа за нас е предност во моментов. За да ја стабилизираме нејзината општа состојба, многу е важно факторот на стрес кај овие животни да биде колку што е можно помал“, продоложи таа.
- „Наша главна цел е да ја пуштиме во природа“ -
Девеџи рече дека срната покажува помалку стрес во нејзино присуство, додавајќи дека тоа е поврзано со чувствителноста на срните на мириси.
„Тие се животни, цицачи, кои се малку почувствителни на мириси. Чувствителноста на мириси им е многу голема. Веќе не знам точно зошто, но комуникацијата со мене обично им е силна. Покажуваат помалку стрес“, рече таа.
„Наша главна цел е овие животни да ги пуштиме во природа. Затоа се обидуваме да не создадеме премногу силна емоционална врска, за потоа да не ни недостасуваат премногу. Но, секако, веќе се приврзавме. Тоа е речиси невозможно да се избегне, но барем нека биде ‘Срна’. Односно, да нема име“, објасни таа.
- „Процесот на зараснување на коската ќе трае малку подолго“ -
Девеџи истакна дека лекувањето на срната засега се одвива позитивно, додавајќи дека поради тоа што скршеницата била отворена, лекувањето на инфекцијата траело долго.
„Лекувањето засега се одвива успешно. Нема никаков проблем. Процесот на зараснување на коската ќе трае малку подолго. Стануваше збор за отворена скршеница. Во пределот имаше инфекција и ни требаше многу време за да ја лекуваме“, рече таа.
Девеџи нагласи дека по завршувањето на лекувањето срната повторно ќе биде пуштена во природата и дека тоа е најважната цел во процесот на рехабилитација.
- „Не земајте ги младите срни додека не бидете сигурни дека нивната мајка е мртва“ -
Девеџи рече дека срната е омилена меѓу вработените во центарот, но дека особено ја штитат за да не добива премногу внимание од луѓе однадвор.
„Ние малку повеќе се обидуваме да ја чуваме и криеме како да е наше чувствително бебе. Се обидуваме да не носиме премногу луѓе во делот, во просторот каде што се наоѓа. Штом ќе слушне глас, веднаш гледа дали е некој што го познава, кој доаѓа. Таа е и како маскота на ова место, но во исто време посебно ја чуваме. Таа е малку наше посебно бебе“, рече таа.
Девеџи рече дека граѓаните треба да стапат во контакт со екипите на Дирекцијата за заштита на природата и националните паркови доколку наидат на повредени диви животни.
Сепак, таа нагласи дека треба да бидат особено внимателни кога станува збор за млади срни.
„Мајките може да ги оставаат младенчињата сами со часови додека бараат храна, за младенчето да не биде изложено на опасност. Ако видите младенче, никогаш, никогаш не земајте го. Дури и по 8 часа мајката може да се врати на местото каде што се наоѓа младенчето. Додека не бидете сигурни дека мајката е мртва, во никој случај не смеете да го допирате младенчето. Тие се многу чувствителни на мириси. Нашиот мирис може многу да им биде одбивен и да предизвика реакција. Затоа, ако не сме сигурни дека мајката е мртва, задолжително да не го допираме младенчето. Бидејќи потоа враќањето на младенчињата во природата е речиси невозможно. Тоа е многу тежок процес“, објасни таа.