Тешкиот облик на КОВИД-19 може да предизвика реактивирање на вируси што долго време мирувале во организмот, при што дел од оваа активност е поврзана со долготрајни симптоми, покажува ново истражување, јавува Анадолу.
Истражувачите откриле повторна активност на неколку чести вируси кај речиси половина од хоспитализираните пациенти со КОВИД-19.
Резултатите, објавени вчера во научното списание „Нејчр“, покажуваат дека реактивирањето на вирусите е поврзано со потежок тек на КОВИД-19, посилно воспаление и полоши клинички исходи.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека студијата не докажува дека реактивираните вируси се причина за тешката болест или за долготрајниот КОВИД.
- Анализирани се повеќе од 1.150 пациенти
Во истражувањето биле опфатени 1.154 возрасни лица хоспитализирани поради КОВИД-19 во 20 болници во САД, во периодот од мај 2020 до март 2021 година.
Сите учесници биле невакцинирани и се заразиле пред поновите варијанти на коронавирусот да станат доминантни.
Истражувачите анализирале примероци од крв, брисеви од нос и примероци од белите дробови кај пациентите на механичка вентилација.
Учесниците биле следени за време на хоспитализацијата и до 12 месеци по неа.
Кај 550 од 1.148 пациенти со доволно достапни податоци, односно кај 47,9 проценти, биле пронајдени докази за реактивирање на најмалку еден вирус.
Кај повеќето од нив бил откриен само еден дополнителен вирус за време на акутната фаза на КОВИД-19.
Меѓу реактивираните патогени биле вируси од семејството на херпес вирусите, како што се вирусот Епштајн-Бар, цитомегаловирусот и вирусот на херпес симплекс, како и анеловирусите.
Овие вируси најчесто ги инфицираат луѓето уште во раното детство и може да останат во организмот без да предизвикуваат симптоми бидејќи имунолошкиот систем ги држи под контрола.
- Вирусите се реактивирале во различни периоди
Истражувачите утврдиле дека вирусите не се реактивирале истовремено.
Активноста на вирусот Епштајн-Бар била најизразена во периодот околу приемот во болница. Вирусен материјал бил откриен кај 24 проценти од учесниците во првите осум дена по хоспитализацијата, по што постепено се намалувал.
Активноста на анеловирусите, исто така, била честа во раната фаза на хоспитализацијата и останала релативно стабилна до околу дваесеттиот ден.
Цитомегаловирусот и вирусот на херпес симплекс најчесто се реактивирале подоцна, достигнувајќи највисока активност околу три недели по хоспитализацијата, главно во примероците од дишните патишта.
Истражувачите утврдиле поврзаност меѓу тешкиот КОВИД-19 и реактивирањето на вирусот Епштајн-Бар, цитомегаловирусот, вирусот на херпес симплекс и анеловирусите.
Кај пациентите со реактивирани вируси биле забележани и повисоки нивоа на воспалителни молекули, како и промени во имуните клетки, што укажува дека организмот реагирал не само на SARS-CoV-2.
Студијата покажала дека реактивирањето не било ограничено само на пациенти што примале имуносупресивна терапија, туку често се јавувало и кај лица со нормално функционирачки имунолошки систем.
- Можно поврзување со долготрајниот КОВИД
Анеловирусите привлекле особено внимание бидејќи нивната активност по хоспитализацијата била поврзана со физички тегоби пријавени кај пациенти со долготраен КОВИД, вклучително и замор и намалена физичка способност.
Оваа поврзаност останала значајна и по земањето предвид на фактори како возраста, имуносупресијата предизвикана од лекови и тежината на првичната инфекција со КОВИД-19.
Анеловирусите претставуваат големо семејство на претежно безопасни вируси што се присутни кај околу 80 до 90 проценти од населението.
Истражувањето не покажало дека активноста на вирусот Епштајн-Бар за време на акутниот КОВИД-19 била почеста кај пациентите што подоцна развиле долготраен КОВИД.
Истражувачите оценуваат дека овие сознанија би можеле во иднина да помогнат во развојот на нови методи за предвидување или лекување на тешкиот КОВИД-19 и долготрајниот КОВИД, вклучително и преку следење на реактивирањето на латентните вируси.
Постојните антивирусни лекови би можеле да понудат можности за лекување на одредени херпес вируси, но ќе бидат потребни клинички испитувања за да се утврди дали третирањето на реактивирањето ги подобрува исходите кај пациентите.
Истражувачите предупредуваат дека резултатите можеби не може целосно да се применат кај лица со лесна форма на КОВИД-19, вакцинирани лица или пациенти заразени со поновите варијанти на коронавирусот.
Тие повикаа на дополнителни истражувања за да се утврди дали реактивирањето на вирусите директно придонесува за развој на тежок КОВИД-19 и долготраен КОВИД или, главно, претставува последица на стресот и воспалението предизвикани од болеста.