Црквата со впечатливи фрески има цел да биде вклучена во туристичката понуда на Кападокија
- Фреските во 190 години старата грчка црква „Свети Евстатиј“ во областа Инџесу во Кајсери, чија реставрација е завршена, го привлекуваат вниманието на посетителите
Tunahan Akgün
01 Октомври 2026•Ажурирано: 01 Октомври 2026
photo: Furkan Bozkurt / AA
КАЈСЕРИ
Се планира 190 години старата грчка црква „Свети Евстатиј“ во областа Инџесу во турскиот град Кајсери, чија реставрација е завршена минатата година и која привлекува внимание со ѕидните слики, да биде вклучена во туристичката понуда на Кападокија.
Црквата „Свети Евстатиј“, изградена во 1836 година, во чија внатрешност се наоѓаат голем број различни фески и остатоци на ѕидовите, се издвојува како една од важните градби на историското и културното наследство на Инџесу.
Историската градба со три кораби и сводест покрив, чија реставрација Градската општина ја започна во 2021 година, беше зајакната со материјали и техники соодветни на оригиналот, при што беа зачувани носечките ѕидови и структурата.
Камената обработка и фреските во внатрешноста беа зачувани, а сценските прикази на караманлиски јазик (турски јазик напишан со грчка азбука), записите за добротворни прилози, релјефите и резбите на ѕидовите беа конзервирани и повторно презентирани.
Фотографија : Furkan Bozkurt/AA
Објектот, чија реставрација беше завршена минатата година според оригиналот со користење архивски фотографии и документи и кој привлекува внимание со ѕидните слики, ќе функционира како Градски музеј на Инџесу.
Се планира црквата, каде што над 80 проценти од работите на уредување и поставување на експонатите се завршени, да биде вклучена во туристичката понуда на регионот Кападокија, како што се Аванос, Ургуп и Ѓореме, кои се оддалечени 45-50 километри од областа.
Раководителот на Одделот за историски градби и музеи при Директоратот за градска историја, промоција и туризам на Градската општина Кајсери, Тајфун Таласли, за Анадолу изјави дека црквата со три кораби, сводест покрив и правоаголен план е еден од примерите на класичната анадолска грчка православна архитектура.
Таласли раскажа дека објектот се користел како богослужбен објект до размената на населението во 1923 година, а потоа добил различни намени, како воен магацин, архива, театарска сала и стручно училиште.
Таласли истакна дека реставраторските работи, кои започнале кон крајот на 2021 година во рамките на протоколот потпишан меѓу Градската општина и Општина Инџесу, биле завршени минатата година.
Фотографија : Furkan Bozkurt/AA
Нагласувајќи дека основниот принцип во работите за уредување и поставување на експонатите, кои во голема мера се завршени, бил да не се оштети историската градба, Таласли рече дека конзолите за движење, поставени за посетителите непречено да ги разгледуваат фреските, елементите за осветлување и изложбените единици се дизајнирани како независен систем што стои на сопствени носачи и нема никаков контакт со објектот.
- Се планира наскоро објектот да биде отворен за посетители -
Таласли нагласи дека големо внимание посветуваат на зачувувањето на автентичноста на објектот.
„При реставрацијата на црквата како извор ги користевме старите фотографии. Особено, врз основа на извештаите од областа на историјата на уметноста, изработени земајќи ги предвид и усните сведоштва на луѓето што живееле овде, пристапивме кон проектирањето и спроведувањето на реставрацијата“, рече тој.
Наведувајќи дека планираат наскоро да ги завршат и овие работи и да го отворат музејот, Таласли рече:
„Во приземјето на објектот, кој го пренаменивме во Градски музеј на Инџесу, ќе направиме музеј во кој ќе го претставиме материјалното и нематеријалното културно наследство на градот. Овде посетителите ќе може да ја видат хронологијата на Инџесу, значајните личности што потекнуваат одовде, луѓето што оставиле трага во неговата историја и архитектонските објекти. Ќе им претставиме многубројни вредности, од комплексот Кара Мустафа-паша до римскиот патоказ што е еден од симболите на ова место. Ќе може да видат и примероци од керамиката и другите археолошки наоди откриени во Ореншехир. Ќе создадеме музеј во кој ќе може да се информираат за сè, од гастрономијата и населението овде, преку размената на населението низ која поминало местото во минатото и неговиот хронолошки развој, до тоа кому му бил посветен објектот, како и за флората и фауната, геолошкиот состав, земјоделството и грозјето.“
Црквата со впечатливи фрески има цел да биде вклучена во туристичката понуда на Кападокија