Ekipa
21 Јуни 2022•Ажурирано: 22 Јуни 2022
АНКАРА (АА) - Јужна Кореја денес успешно ја лансираше вселенската ракета „Нури“ од домашно производство, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Второто лансирање на ракетата беше успешно и „распореди сателити на височина од 700 километри како што беше планирано“, објави новинската агенција „Јонхап“.
„Сателитот за верификација на перформансите, исто така, успешно стигна до својата орбита“, истакнаа официјални претставници.
„Нури“, тешка 200 тони, полета од вселенскиот центар „Наро“ во јужното крајбрежно село Гохеунг во 16 часот по локално време.
Претседателот Јун Сук-Јол го поздрави лансирањето, велејќи дека „нов пат кон вселената е отворен од Република Кореја“.
Сеул потроши речиси 2 билиони вони (1,8 милијарди долари) за изградба на „Нури“ од 2010 година, со сите аспекти, вклучувајќи дизајн, производство, тестирање и операции за лансирање направени во земјата.
Јужна Кореја сега е седмата земја што произведе „вселенско летало кое може да носи сателит тежок повеќе од 1 тон, по Русија, САД, Франција, Кина, Јапонија и Индија“, се наведува во веста на „Јонхап“.
Првиот лет на „Нури“ минатиот октомври беше неуспешен бидејќи ракетата ја достигна целната височина од 700 километри, но „не успеа да постави сателит-макета во орбитата“.
Јужна Кореја се стреми кон уште четири лансирања на ракети Нури до 2027 година, објави „Јонхап“.