İlayda Çakırtekin
01 Октомври 2026•Ажурирано: 01 Октомври 2026
Француските средношколци денес продолжија со блокада на своите училишта, а протестите со барање за подобри услови за учење се проширија и на неколку универзитети низ земјата, јави телевизијата БФМТВ, пренесува Анадолу.
Во најмалку 27 средни училишта во Париз има прекин во наставата, а во близина на влезот на едно средно училиште во департманот Сена-Сен-Дени беше запален голем куп ѓубре.
Во Ница, ученици од три средни училишта, исто така, беа повикани да се соберат пред едно од тие училишта.
Неколку стотици средношколци се собраа и во Лион, на кои им се придружија и поранешни ученици. Иако блокадата помина мирно, сепак, во близина беа распоредени полициски службеници.
Во департманот Рона, исто така, има прекин во 27 училишта. Пријавена е употреба на пиротехнички средства во близина на неколку средни училишта во Лион, а известено е и за пожар на фасадата на друго училиште.
И во Лил беа поставени барикади и запалени пожари.
Покрај средните училишта, блокирани беа и повеќе од 15 универзитети низ земјата. Според јавувањата, блокадата се проширила на главните кампуси на Универзитетот во Стразбур, Универзитетот Екс-Марсеј, Универзитетот во Поатје и Универзитетот Пол-Валери.
Најмалку 625 лица беа приведени во текот на вчерашниот ден додека блокадите продолжуваат, а властите известија за зголемување на насилството и за десетици повредени.
Министерот за внатрешни работи Лоран Нуњез изјави дека се извршени приведувања за време на акциите за блокирање на средните училишта, опишувајќи го тоа како „ширење на движењето“ и „зголемување на насилството“ околу некои од образовните установи.
Најмалку 32 ученици или вработени во образованието се повредени, како и 83 припадници на безбедносните сили.