Dzihat Aliju
30 Септември 2026•Ажурирано: 30 Септември 2026
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија на Северна Македонија, Тимчо Муцунски, рече дека проширувањето повеќе не е само инвестиција во стабилноста на регионот, тоа е стратегиска инвестиција на Европа во сопствената безбедност, сила и иднина, пренесува Анадолу.
Според соопштението на Министерството, во своето обраќање на настан, Муцунски истакна дека во време на крупни геополитички промени, економски предизвици и забрзана технолошка трансформација, Европа има потреба од нови одговори, нови идеи и посилни партнерства, нагласувајќи ја важната улога на младите во обликувањето на иднината на континентот.
„Вашите идеи, вашата енергија и вашата храброст да ги преиспитувате старите претпоставки се неопходни за Европа да стане пообединета, поотпорна и поспособна да ги брани своите интереси и вредности во свет што брзо се менува“, порача Муцунски.
Осврнувајќи се на процесот на проширување, министерот нагласи дека интеграцијата на Западен Балкан е дел од пошироката визија за посилна и побезбедна Европа.
„Денес проширувањето повеќе не е само инвестиција во стабилноста на нашиот регион. Тоа е стратешка инвестиција на Европа во сопствената безбедност, сила и иднина“, истакна Муцунски.
Тој повтори дека членството во Европската Унија останува стратегиска определба на државата, нагласувајќи дека пристапниот процес треба да има јасна трансформативна улога.
„Пристапниот процес треба да го трансформира нашето општество, да ги зајакне нашите институции и да создаде повеќе можности за нашите граѓани. Тој не треба да го трансформира нашиот национален идентитет. Верувам во Европа во која европскиот и националниот идентитет меѓусебно се надополнуваат и зајакнуваат“, нагласи министерот.
Во тој контекст, Муцунски посочи дека европската перспектива мора да остане кредибилна, предвидлива и заснована врз заслуги, при што напредокот треба да зависи од реформите, резултатите и исполнувањето на европските критериуми.
„Само така можеме да ја зачуваме довербата во процесот на проширување и во трансформативната моќ на Европската Унија“, истакна тој.
Говорејќи за заедничкото европско наследство и историските прашања, Муцунски нагласи дека Европа напредувала тогаш кога успевала да ги надмине поделбите од минатото и да ја стави заедничката иднина пред историските несогласувања.