Faisal Mahmud
07 Август 2026•Ажурирано: 07 Август 2026
Бројот на загинати во пукањето што вчера се случи во училиште во тајландската покраина Нонтабури се искачи на седум лица, јавија денес локалните медиуми, а властите сѐ уште официјално не ја потврдиле новата бројка, јавува Анадолу.
Пукањето се случило во училиштето „Дебсирин Нонтабури“, а службите за итна помош потврдиле дека бројот на жртви е поголем од претходно соопштениот, пренесе „Таи Енквајрер“.
Според наводите, полицијата го идентификувала осомничениот напаѓач како ученик во училиштето.
Пукањето започнало околу 10:12 часот по локално време, на шестиот кат од петтата училишна зграда. Осомничениот ученик, според медиумите, по нападот си нанел прострелна рана и починал.
Наставниците ги евакуирале учениците и вработените од кампусот, оддалечувајќи ги од местото на нападот.
Властите, исто така, пронашле десетици куршуми во торба што му припаѓала на осомничениот, јавува „Таи Енквајрер“.
Екипите на итната медицинска помош се обиделе да го реанимираат ученикот, но подоцна била констатирана смрт.
Според изворот, во домот на осомничениот биле пронајдени уште две тела – баба му и дедо му, за кои се верува дека биле застрелани пред нападот во училиштето.
По нападот, полицијата го обезбеди училиштето и започна истрага за околностите и можниот мотив за пукањето.
Спасувачката организација „Пох Тек Тунг“ од Бангкок соопшти дека амбулантни возила ги пренесувале повредените ученици во околните болници на лекување.
Организацијата ги повика возачите во областа да ги ослободат сообраќајниците за да им овозможат непречен пристап на возилата на итна помош до и од училиштето.
Покраината Нонтабури се наоѓа северозападно од тајландската престолнина Бангкок и е дел од пошироката метрополитенска област на главниот град.