Riyaz Khaliq Khaliq, Islam Uddin
25 Август 2026•Ажурирано: 25 Август 2026
Министерот за внатрешни работи на Пакистан, Мохсин Накви, денес оствари средба со вршителката на функцијата амбасадор на САД, Натали Бејкер, во Исламабад, по враќањето од Техеран, каде што тој и началникот на пакистанската армија разговараа со иранското раководство со цел ставање крај на конфликтот со Вашингтон, пренесува Анадолу.
Во соопштението од Министерството за внатрешни работи на Пакистан се вели дека двајцата претставници разговарале за „целокупната ситуација во регионот и прашањата поврзани со мирот и стабилноста“.
Бејкер ја пофали „позитивната дипломатска улога на фелдмаршалот Асим Мунир во унапредувањето на мирот и стабилноста во регионот“.
Накви го придружуваше Мунир, кој директно е вклучен во медијацијата меѓу Вашингтон и Техеран, во Иран вчера, каде што се сретнаа со иранскиот претседател Масуд Пезешкијан, претседателот на Парламентот и главен преговарач Багер Калибаф, претставникот на врховниот лидер во Врховниот совет за национална безбедност Мохсен Резаи и министерот за внатрешни работи Ескандар Момени.
„Постигнат е значаен напредок, а состанокот заврши во многу позитивен тон. Остануваме со надеж дека овој импулс ќе помогне да се отвори патот за натамошен напредок и траен мир во регионот“, рече Накви по нивното враќање од Техеран.
Иран, исто така, денес објави дека посетата на началникот на пакистанската армија на Техеран била „многу продуктивна“ и донела „значаен дипломатски напредок “, а резултатите се очекува „наскоро да станат очигледни“, истакна Сејед Мехди Табатабаеи, заменик за комуникации и информации во Кабинетот на иранскиот претседател.
Иран и САД потпишаа меморандум за разбирање од 14 точки во јуни, чија цел беше да се стави крај на војната, но привремениот договор брзо пропадна.