Faisal Mahmud
11 Август 2026•Ажурирано: 11 Август 2026
Австралија ќе започне со вакцинација на загрозени домашни видови птици кои се чуваат во заробеништво против смртоносниот птичји грип Х5Н1, додека вирусот продолжува да се шири низ земјата, објавија локалните медиуми денес, пренесува Анадолу.
Над 230 случаи се потврдени низ целата земја, додека Австралија минатата недела го регистрираше првиот масовен помор на диви животни поврзан со вирусот, објави „Еј-би-си њуз.
Министерката за земјоделство Џули Колинс изјави дека кампањата за вакцинација ќе започне во сојузните држави и територии во наредните денови.
„Не можеме да го спречиме ширењето на птичјиот грип Х5 меѓу дивите птици, но можеме да преземеме мерки за заштита на видовите кои се најзагрозени, а вакцинацијата сега е дел од тој одговор“, рече Колинс.
Властите ќе утврдат кои видови ќе бидат вакцинирани врз основа на нивната подложност на вирусот и потенцијалното влијание врз нивното зачувување.
Министерот за животна средина Мареј Ват изјави дека масовната вакцинација на дивите птици е непрактична бидејќи вакцината бара две дози, иако властите би можеле да вакцинираат диви птици онаму каде што тоа е изводливо.
Владата обезбедила почетни вакцини во вредност од 2 милиони австралиски долари (1,3 милиони долари).
Главната ветеринарна службеничка Бет Куксон предупреди дека вакцинацијата „не е самостојно решение“, нагласувајќи дека мерките за биосигурност и натаму се од клучно значење.
Тасманија, Северната Територија и Австралиската Престолнинска Територија остануваат единствените јурисдикции без потврдени случаи.
Властите не пријавиле присуство на Х5Н1 кај живината или во поширокиот земјоделски сектор.