Fatjon Cuka
25 Ноември 2026•Ажурирано: 25 Ноември 2026
Во Албанија се одржува Конференцијата за инвестиции Европска Унија (ЕУ)-Западен Балкан, која обединува претставници на институциите, инвеститори и претприемачи од ЕУ и земјите од регионот, јавува Анадолу.
Отворањето на дводневната конференција се одржа во просториите на Палатата на конгресите во Тирана, со учество на претставници на Владата на Албанија, Европската комисија и други официјални лица.
Министерката за економија и иновации на Албанија, Делина Ибрахимај, на отворањето на конференцијата изјави дека целта е да се премине од дијалог кон донесување одлуки за инвестиции и од економска конвергенција кон мобилизација на капиталот.
„Европа повторно размислува за тоа како и каде ќе се произведува, како ја обезбедува својата енергија и како ја развива технологијата од која зависи нејзиниот иден просперитет. Потребата за автономија, реорганизацијата на синџирите на снабдување и транзицијата кон зелена економија го преобликуваат индустрискиот пејзаж на Европа. Западен Балкан треба да го има своето место во рамките на оваа трансформација“, рече таа.
Ибрахимај, меѓу другото, додаде дека близината до европските пазари, претприемачкиот талент, технолошките капацитети и постепеното усогласување со стандардите на ЕУ го прават регионот убедлива понуда. Според министерката Ибрахимај, проширувањето на ЕУ треба да се смета не само за проширување на европскиот пазар, туку и за проширување на производствените капацитети.
Генералната директорка за внатрешен пазар, индустрија, претприемништво и мали и средни претпријатија при Европската комисија, Керстин Јорна, во своето обраќање истакна дека проширувањето на ЕУ е голем приоритет за ЕУ.
Конференцијата за инвестиции ЕУ-Западен Балкан се организира под покровителство на Владата на Албанија, со поддршка на Европската комисија, обединувајќи ги претставниците на европските институции, стотици инвеститори, претприемачи и економски чинители од целиот регион.
Според организаторите, во текот на двата дена дискусиите ќе се фокусираат на мобилизацијата на инвестициите, финансирањето на иновативните претпријатија, дигиталната инфраструктура и потенцијалот на услужниот сектор како нов двигател на економскиот раст.
Според албанските власти, оваа конференција создава конкретни можности за приближување на европскиот капитал до пазарите на Западен Балкан. Исто така, се истакнува дека за Албанија организирањето на овој форум претставува можност за зајакнување на нејзината позиција како сè попривлечна дестинација за инвестиции и како поврзувачка точка меѓу европската економија и потенцијалот на Западен Балкан.
Конференцијата ќе ја продолжи работата во текот на денешниот ден со различни панел-дискусии. Конференцијата ќе продолжи и утре, кога се очекува учество и на премиерот на Албанија, Еди Рама, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос.