Lina Altawell
29 Септември 2026•Ажурирано: 29 Септември 2026
Двајца Палестинци се убиени, а неколку други, меѓу кои и деца, се повредени рано утринава во израелски воздушен напад и при употреба на огнено оружје во Појасот Газа, во услови на секојдневни прекршувања на договорот за прекин на огнот, што е во сила од 10 октомври 2025 година, јавува Анадолу.
Медицински извор од болницата „Ал-Шифа“ за Анадолу изјави дека во болницата биле донесени телото на еден Палестинец и неколку повредени лица, меѓу кои и деца, откако во израелски воздушен напад бил погоден стан во населбата Ал-Наср, западно од градот Газа.
Според дописникот на Анадолу, нападот бил насочен кон стан во зградата „Ал-Батул“, при што бил убиен еден Палестинец, а неколку други лица, меѓу кои и деца, биле повредени.
Сведоци изјавија дека израелски камиказа дрон го извршил нападот откако кратко време претходно кружел над областа.
Според нив, нападот предизвикал паника меѓу жителите и пожар во станот, кој бил целосно уништен.
Во централниот дел на Газа, друг Палестинец е убиен од огнено оружје на израелската Армија на улицата Салах ал-Дин, источно од Деир ал-Балах, според медицински извор.
Изворот од болницата „Ал-Акса“ за Анадолу изјави дека во болницата било донесено телото на Ахмед Абу Мур, откако бил застрелан од израелските сили источно од Деир ал-Балах.
Во меѓувреме, израелската Армија спровела голема операција за уривање објекти во областите под нејзина контрола источно од Деир ал-Балах, според сведоци и локални извори.
Прекршувањата на договорот за прекин на огнот од страна на Израел резултирале со смрт на 1.421 Палестинец, а 4.983 се повредени, соопшти Министерството за здравство во Газа.
Од 8 октомври 2023 година, во израелската војна врз Појасот Газа убиени се повеќе од 74.000 Палестинци, а над 175.000 се повредени, додека околу 90 % од инфраструктурата во енклавата се уништени.