Lina Altawell
31 Август 2026•Ажурирано: 31 Август 2026
Египетската Армија денес соопшти дека продолжуваат заедничките воздушни воени вежби со Кина на неколку воздухопловни бази во земјата, јавува Анадолу.
Вежбите се одржуваат во период кога се очекува кинескиот претседател Си Ѓинпинг да го посети Каиро оваа недела.
Во соопштение, египетската Армија наведе дека второто издание на вежбата „Орли на цивилизацијата“ има за цел олеснување на размената на искуства и унапредување на вештините и способностите на пилотите за извршување заеднички операции.
Во рамки на вежбата се одржува и обука за дополнување гориво во воздух.
Во средината на август, портпаролот на кинеското Министерство за одбрана, Чен Си, изјави дека вежбите ќе завршат на почетокот на септември.
Првото издание на вежбите „Орли на цивилизацијата“ се одржа во април 2025 година во египетска воздухопловна база, со учество на неколку повеќенаменски борбени авиони.
Си утре треба да ја започне посетата на Египет, според кинески извор кој за Анадолу зборувал под услов на анонимност.
Египетските медиуми, исто така, ја потврдија посетата, но не објавија датум.
Според дописникот на Анадолу, на улиците на египетската престолнина биле поставени транспаренти за добредојде на Си, во услови на засилени безбедносни мерки пред посетата.
Ова ќе биде прва посета на Си на Египет во последните 10 години.
Претседателот Абдел Фатах ал-Сиси неколкупати ја посети Кина, а последен пат во мај 2024 година.