Riyaz Khaliq Khaliq
09 Октомври 2026•Ажурирано: 09 Октомври 2026
Собранието на јапонската префектура Окинававо денес повика на „темелно преиспитување“ на Договорот за статусот на силите меѓу Јапонија и САД откако американски маринец беше осомничен во случај на грабеж и убиство, јавува Анадолу.
Во Јапонија избувнаа протести и се појави широко распространет гнев откако маринецот Девин Џејкоб Балард (20), припадник на Третата експедициска сила на маринците, стационирана во воздухопловната база на Маринскиот корпус Футенма во градот Гинован, беше осомничен за убиството на Ана Јаги (39) во хотел во Наха, главниот град на префектурата, во саботата.
Собранието на перфектурата повика на преиспитување на договорот, имајќи предвид дека Окинава е домаќин на приближно половина од 50.000 американски војници стационирани во Јапонија.
Резолуцијата усвоена од Собранието повикува американската војска да преземе мерки против Балард, кој негира каква било вина, „за да се спречи повторување на ваков инцидент“, објави новинската агенција „Кјодо“.
Според наводите, Собранието усвоило и изјава со „иста содржина, упатена до јапонската Влада“.
„Во двата документа се повикува и на темелно преиспитување на Договорот за статусот на силите меѓу Јапонија и САД“, се наведува во извештајот.
Балард беше приведен во неделата и предаден на обвинителството.
Инцидентот предизвика протести во Окинава, која беше под американска контрола од 1945 до 1972 година, како и во Токио, каде што граѓаните побараа преземање мерки против осомничениот.
Премиерката Санае Такаичи го осуди инцидентот, а Токио ги повика на разговор американскиот амбасадор и командантот на американските сили во Окинава и упати протест.
Американската војска во префектурата воведе 48-часовна пауза во операциите, почнувајќи од средата, а најави и полициски час во следните 30 дена, почнувајќи од петокот.
Во Окинава и претходно имало протести по откривањето случаи на сексуални напади извршени од американски војници.
„Претходните кривични дела во кои биле вмешани припадници на американската војска, вклучително и дела против жени и девојчиња, предизвикаа гнев кај жителите на Окинава“, се наведува во извештајот.