Beyza Binnur Dönmez
17 Јули 2026•Ажурирано: 17 Јули 2026
Агенцијата за миграции на Обединетите нации (ОН) денеска побара 98 милиони долари меѓународна помош за справување со последиците од разорните земјотреси што на 24 јуни ја погодија Венецуела, пренесува Анадолу.
Како што соопшти агенцијата, средствата ќе ја поддржат работата на Меѓународната организација за миграции (ИОМ) во наредните 12 месеци, обезбедувајќи итно засолниште, помош, здравствена заштита и поддршка за почетно закрепнување, истовремено помагајќи им на заедниците во обновата.
„Народот на Венецуела покажа неверојатна издржливост, но за закрепнувањето ќе бидат потребни време и континуирана поддршка“, изјави Лиа Поџо, шефица на мисијата на агенцијата во Венецуела.
Земјотресите и последователните потреси предизвикаа големи разурнувања низ сојузните држави Ла Гваира, Дистрито Капитал, Миранда, Карабобо, Арагва и Фалкон, при што илјадници семејства се раселени, а оштетени се домови, здравствени установи, водоводни системи и друга клучна инфраструктура.
Од почетокот на катастрофата, ИОМ соработува со венецуелските власти, агенциите на ОН и хуманитарните партнери во управувањето со колективните центри за сместување, пружањето здравствена и заштитна помош, како и во поддршката на раселените семејства.
Агенцијата соопшти дека досега пружила помош на речиси 6.000 лица сместени во колективните центри под нејзин надзор. Дополнително, реализирани се над 10.000 услуги, кои вклучуваат обезбедување привремено сместување, здравствена нега и заштита.
Повикот за помош ги става во преден план обезбедувањето засолниште, координацијата на терен, здравствената заштита и почетното закрепнување, со цел погодените заедници да останат во центарот на напорите за обнова, се наведува во соопштението.