Islam Uddin
04 Август 2026•Ажурирано: 04 Август 2026
Јужнокорејските власти денес привеле осум членови на либерална студентска организација, откако тие се обиделе да влезат во американска воздухопловна база јужно од главниот град Сеул, јавија локалните медиуми, пренесува Анадолу.
Студентските активисти биле приведени во воздухопловната база „К-55 Осан“ во Пјонгтаек, на околу 60 километри јужно од Сеул, јави новинската агенција „Јонхап“, повикувајќи се на јужнокорејската полиција.
Активистите, кои се членови на Корејскиот прогресивен универзитетски студентски сојуз (КПУСУ), ја пробиле главната влезна порта на базата.
Шестмина успеале да влезат во кругот на базата извикувајќи антиамерикански пароли, вклучително и пароли насочени против Седмата воздухопловна армија на САД, додека двајца биле запрени на самиот влез.
Американските сили во Кореја (УСФК) ги привеле активистите, по што ги предале на јужнокорејската полиција за понатамошна истрага.
Од КПУСУ подоцна преку социјалните мрежи соопштија дека протестот бил организиран поради нивните тврдења дека американските сили го попречуваат планираниот јужнокорејски проект за изградба на центар за производство на полуспроводници во југозападниот град Гвангџу.
Јужнокорејската Влада го одреди воениот аеродром во Гвангџу како локација за идниот центар за производство на чипови, додека американската војска изрази загриженост дека евентуалното преместување на аеродромот би можело да влијае врз нејзините воени интереси.
Студентската организација како дополнителна причина за протестот го наведе и неодамнешното истекување на бел фосфор во воздухопловната база „Осан“.