Faisal Mahmud
26 Август 2026•Ажурирано: 26 Август 2026
Најмалку 14 новороденчиња загинаа денес откако избувна пожар во одделението за новороденчиња во големата државна болница во главниот град на Пакистан, Исламабад, соопштија официјални лица, јавува Анадолу.
Пожарот избувнал околу 7 часот по локално време, на третиот кат од Одделот за мајки и деца во Пакистанскиот институт за медицински науки (ПИМС), каде што биле лекувани 15 бебиња.
Администрацијата на Исламабад првично соопшти дека пожарот бил ставен под контрола кратко по избувнувањето и дека 14 тешко изгорени бебиња биле пренесени на одделението за интензивна нега.
Кабинетот на премиерот Шехбаз Шариф подоцна ја потврди нивната смрт.
Портпаролката на ПИМС, д-р Аниза Џалил, изјави дека се претпоставува оти пожарот бил предизвикан од краток спој, објави пакистанскиот весник „Доун“. Други локални медиуми објавија дека дефект во системот за климатизација на болницата можеби го предизвикал пожарот.
Шариф изрази тага поради смртта на новороденчињата и нареди итна истрага за инцидентот.
„Ваква ситуација, во која се вклучени деца, е ненадоместлива. Причините за инцидентот треба темелно да се испитаат, одговорните да се идентификуваат и да се преземат најстроги можни мерки против нив“, изјави премиерот.
Администрацијата на Исламабад формираше истражна комисија предводена од заменик-комесарот за општи работи, која треба да ги утврди околностите околу пожарот.
Комисијата ќе испита и дали невнимание или пропусти во безбедносните системи на болницата придонеле за смртта на новороденчињата и ќе ги идентификува одговорните.