Amir Latif Arain, Medina Choreska
26 Ноември 2026•Ажурирано: 26 Ноември 2026
Јапонската Влада денес изрази жалење за предложените нови американски царини насочени кон повеќе од десетина трговски партнери, вклучувајќи ја и Јапонија, објави новинската агенција Кјодо, пренесува Анадолу.
Главниот секретар на Кабинетот, Минору Кихара, ги нарече предложените царини „жалосни“, отфрлајќи ги обвинувањата на Вашингтон дека Јапонија се вклучува во практики на непазарна политика или одржува структурен вишок производствен капацитет.
Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп вчера соопшти дека предлага нови царини за Јапонија, Кина, Европската Унија и 11 други големи трговски партнери, наведувајќи наводен структурен вишок индустриски капацитет и нефер трговски практики.
Канцеларијата на трговскиот претставник на САД предложи царини до 15 % за јапонски стоки, што претставува зголемување од моментално применливата стапка од 12,5 %, со исклучоци за одредени производи.
Според трговскиот договор меѓу САД и Јапонија, јапонскиот увоз што веќе подлежи на редовни царини од 15 % или повисоки е ослободен од дополнителни реципрочни царини, додека производите со пониски постоечки царински стапки генерално подлежат на царини приспособени за да се доведе комбинираната стапка на 15 %.