Melike Pala
30 Септември 2026•Ажурирано: 30 Септември 2026
Силно медитеранско невреме донесе поројни врнежи во јужна Франција денес, поради што властите ги ставија департманите Еро и Гар под највисоко, црвено ниво на предупредување за дожд и поплави, објави БФМТВ, пренесува Анадолу.
Метеоролошката служба „Метео-Франс“ ги издаде црвените предупредувања во 8 часот по локално време, додека департманите Буш-д’Рон, Лозер и Ардеш беа ставени под портокалово предупредување за опасни временски услови.
Нивото на реката Еро нагло се зголеми.
Според мерењата на нивото на водата, цитирани од телевизијата, реката се зголемила од 27 сантиметри околу 2 часот по локално време на 3,34 метри нешто повеќе од пет часа подоцна.
Властите соопштија дека нивото на реката во текот на ноќта се зголемило за повеќе од два метра за само два часа, додека обилните врнежи го зафатиле регионот Севен.
Во Мул-ет-Босел во департманот Еро се регистрирани речиси 140 милиметри дожд, количество еднакво на речиси двомесечниот просек на врнежи.
И други реки и водотеци бележат нагло зголемување на нивото по обилните врнежи во раните утрински часови денес.
Префектурата на Еро нареди затворање на училиштата во текот на денот во осум области, меѓу кои Монпелје, Могио, Ленел, Сомиер, Ганг, Сет, Клермон-л’Еро и Лодев.
Префектурата соопшти и дека јавниот превоз е суспендиран низ целиот департман.
Властите ги повикаа жителите да останат дома, да избегнуваат непотребни патувања и да не ги користат своите возила.